Клематисот е листопаден повит од фамилијата Ranunculaceae. Има долг животен век, кој може да ја помине границата од 25 години.
Ова растение, пред се, претставува цветно декоративен вид, кој најчесто цвета во периодот мај – август.
Цветот е крупен, до 10 см во дијаметар, со многу силни и впечатливи бои. Цветовите најчесто се сплескани или во форма на ѕвонче, а стеблото му е нежно и тенко. Листовите му се ретки и долгнавести.
Ова растение има широка употреба во нашите градини. Најчесто се засадува покрај жичани огради или перголи, каде бавно се повива. За разлика од другите повити, клематисот го краси тоа што стеблото и гранките му се доста тенки и меки, со што му дава дополнителна декоративност.
На почеток на зимата целосно се суши. Затоа најдобро е сите надземни делови да се отстранат, со што ќе се обезбеди на пролет повторно да се развие.
Како вид претпочита богати, добро дренирани почви. Претпочита сончеви месторастења, а како идеално се препорачува исток.