Конгресен центар „Александар Македонски“ распиша оглас за измена и дополнување на проектите за реконструкција со надградба и доградба на оваа јавна установа што до неодамна го носеше името „Универзална сала“.
Пред десетина дена и официјално беше потврдено дека Министерството за култура се откажа да ја гради новата јајцевидна Универзална и дека објектот ќе се догради како што било предвидено пред повеќе од пет години.
Инаку, Министерството за култура се откажа од изградба на нова Универзална сала, бидејќи заклучиле дека таа ќе ги чини многу пари. Поисплатливо било постојниот објект да се прошири и догради.
Истовремено, се бара вклучена ревизија во сите фази од проектирањето, вклучувајќи и елаборати. Надлежните процениле дека за тоа ќе платат речиси 200.000 евра.
Ако се тече според планот и не се јават непредвидени работи, извесно е дека реконструкцијата и проширувањето на објектот ќе започнат в година.
Старо-новата „Универзална сала“ ќе ја има препознатливата купола, ќе се изградат дополнителни сали, други придружни содржини, а ќе биде решено и паркирањето.
Објектот ќе се догради и прошири врз основа на идејниот и основниот проект избрани пред осум години, а изработен од архитектонското биро „Архангел бојс“.
Според ова идејно решение, постојниот објект да добие 200 седишта повеќе, поголем влезен дел и фоаје, гардероби за публиката, надворешна застаклена галерија на две нивоа околу целиот објект со угостителски простор, како и комерцијални содржини кои ќе му помогнат на објектот да се издржува со самофинансирање.