Општина Будва во Црна Гора распиша меѓународен, општ, едностепен и анонимен конкурс за изработка на идејно урбанистичко-архитектонско решение за шеталиштето во делот „будванска школка“, дел на шеталиштето Будва – Бечиќи, прва фаза.
Со конкурсната задача е опфатен делот на Општина Будва, која претставува центар на културни, забавни и информативни настани. Со конкурсот се обработуваат четири природни и наследени средини – акваториум, плажа, зелен појас и шеталиште.
ЦЕЛТА НА КОНКУРСОТ
Основната цел на Конкурсот е избор на најдобро идејно урбанистичко-архитектонско решение за шеталиштето во општина Будва, како основа за разработка преку главен проект, што ќе следи по изборот на првонаградениот конкурсен труд.
Општата и крајна цел е да се создаде нов еколошки одржлив простор кој со својата содржина и изглед ќе придонесе за културен и туристички развој на Будва, кој ќе го почитува културното наследство на општината и радикално ќе го измени начинот на користење на крајбрежната зона преку создавање низа нови јавни простори, зголемување на капацитетот на постојното шеталиште и поврзување со шеталиштето Бечиќи.
ФОРМИРАЊЕ КОЛЕКТИВНА СВЕСТ НА ДВЕ НИВОА
Како што се наведува во конкурсната документација, со идејното урбанистичко-архитектонско решение потребно е да се даде основа за формирање на колективна свест на две нивоа.
На примарно ниво тоа е создавање на колективна свест меѓу граѓаните на Будва како постојани корисници на просторот и нивното однесување кон средината во која се наоѓаат.
На секундарно ниво, тоа е сликата што градот ја испраќа на светот и на туристите како привремени и повремени корисници на просторот.
Мошне е важно да се црпи инспирација од огромното културно наследство во Стариот град Будва и неговата 2500 години долга историја и урбаната зона на „будванската школка“.
Посебно внимание треба да се посвети на дисперзијата на содржината на опфатот со акцент на линеарниот тек на движењето на корисникот и вкрстувањето со латералните насоки од заднината и контактните зони.
Неопходно е радикално да се промени начинот на користење на крајбрежниот појас со акцент на воведување јавни површини за комуникација, рекреација и настани на отворено.
НАГРАДЕН ФОНД И ЧЛЕНОВИ НА ЖИРИТО
Вкупниот награден фонд изнесува 223.000 евра, а наградите ќе бидат доделени во следните нето износи: прва награда 120.000 евра, втора награда 60.000 евра, трета награда 30.000 евра и два откупи од по 6.500 евра.
Состав на жирито
Владан Стевовиќ, м-р. арх, главен градски архитект – претседател на жирито
Мирко Жижиќ, дипл. инж. арх., главен државен архитект – стручен член
проф. д-р Владан Ѓокиќ, дипл.инж. арх. – стручен член, Белград, Србија
проф. д-р Малина Чворо, дипл.инж. арх. – стручен член, Бања Лука, Босна и Херцеговина
проф. д-р Лука Сканси, дипл.инж. арх – стручен член, Милано, Италија
Мило Божовиќ, претседател на Општина Будва
Саво Павловиќ, сликар
РОКОВИ НА КОНКУРСОТ
Конкурсот е отворен до 20 јануари 2023 година, а конкурсните трудови и прашања се доставуваат преку е-пошта на адресата: [email protected].
Рок за поставување прашања: Сите учесници можат да поставуваат прашања поврзани со конкурсот до 10.11.2022 година, по што сите добиени прашања и одговори ќе бидат објавени на веб-страницата на Општина Будва до 20.11.2022 година.
Краен рок за предавање на проектите: Крајниот рок е 20 јануари 2023 година до 23:59 часот (UTC+1).
Резултати од конкурсот: Сите учесници ќе бидат известени за одлуката на жирито до 20 февруари 2023 година.
Изложба на конкурсните проекти: Изложбата на конкурсните проекти ќе се организира најдоцна 30 дена по објавувањето на резултатите од конкурсот.
Комплетната документација за конкурсот можете да ја преземете на овој линк.