„Dolce Far Niente“ – слатко безделничење и уживање. Тоа чувство на удобност во слободно време и спокојство е она што го креирал пејзажниот архитект Дејан Попов од Landscape Factory Studio. Обидувајќи се да ги усогласи желбите на клиентот со своите идеи и естетика, во соработка со архитектонското студио Dello, на белградски Сењак е создадена интересна каскадна градина.
„Скриена од погледот, сокриена од сите страни, оваа белградска вила со својата градина нуди прибежиште, нежно не води во некои поинакви времиња, помирни, порастеретени. Нè воведува во некои светови во кои одиме боси, газиме на камен загреан од сонцето, ја впиваме свежината на тукушто искосената трева, мирисите на цветовите лаванда, и старите сорти на рози, се опиваме од колоритот на индискиот јоргован, вероника и нереалните форми на цветовите физостегија, лежиме удобно сместени и гледаме текстура на дрво“, вели Попов.
ЛОГИЧНО ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ДНЕВНИТЕ ПРОТОРИИ
Поради постоењето на гаража во оваа белградска вила, како логично продолжување на дневните простории формирано е централното поплочено плато. Со интересни денивелации постигнато е каскадирање на теренот, преку формирање на џиновски жардинери за садење дрвја и растенија, простор за седење и подигнати леи за садење.
Сите овие груби градежни интервенции вешто се ублажени со масиви од видови грмушки и ползавци. Централно поставено скали водат од каменото плато до горните делови на градината, така што се добила своевидна симетрија со различни елементи и можности за користење.
Главното, најголемото плато е за собири и дружење, со долга летна кујна и пулт, простори за трпезарија и удобни седења, тука е и тревникот за играње на децата и кучињата, одмарање на лежалки, додека највисокото ниво на градината е предвидено како градина со можност за подоцнежно имплементирање на огниште и дополнителен простор за мирен одмор.
ВИЗУЕЛНИ БАРИЕРИ И ПЛАТАНИ
Со изградба на потпорни ѕидови, пултови и ѕидови, простори за садење со пропустливо дно, создадени се своевидни делови од визуелни бариери и прегради кон соседните парцели. Целосната визуелна удобност и целосното чувство на природност само се надополнети со растенијата.
Платани чии крошни се формирани на два метри височина, ползавци, зимзелени живи огради и бариери од високи четинари, се тука за да создадат интимна и пријатна атмосфера во градината.
Како главен акцент во просторот, тука се четири високи дабови дрвја, кои ја даваат потребната сенка и на чии крошни се пружа поглед од спалните соби сместени на горниот кат на вилата.
Помалиот простор на приодниот дел на градината, веднаш до влезната врата и тремот, е акцентирана со пузавица вистерија, црн бор и висок индиски јоргован.
Светлите тонови на целиот екстериер, каменот, фасадата на објектот, украсните венци од камен и микроцемент, природните текстури и нијанси, уште повеќе ја истакнуваат композицијата на растенијата, нивниот хабитус и посебно негуваните форми.
НЕОПТОВАРУВАЧКИ ВО СВОЈАТА ЕЛЕГАНЦИЈА
Антквитетни камени урни од вилата Медичи, Maison Adorable дрвени апстрактни скулптури од Бали, плетен Kiara de Zen надворешен мебел, дрвени и метални столчиња, плетива, лежалка од бамбус, ленени платна и ткаен тепих, стилски го комплетираат магичниот простор создаден за уживање и луксузен престој на отворено.
„Со внимателно дефинирана диспозиција на надворешното осветлување, детали, мебел, скулпторски елементи и декор, впечатокот што оваа градина го остава кај посетителите е посебен, секако различен и извонредно неоптоварувачки во својата елеганција“, вели пејзажниот архитект.
Безвременски стил, единствена урбана оаза, природност, спокојството и ненаметливиот раскош се епитетите кои најавтентично ја опишуваат надворешноста на оваа белградска вила.
„Чувството што ви го дава оваа градина тешко може да се изрази едноставно, бидејќи целиот амбиент медитативно го облагородува уживателот во овој простор, силно влијаејќи на сите негови сетила“, вели Дејан Попов.
Светли тонови и обработка на каменот, интересни текстури и патини, раскошот на растителниот свет, боите, природните материјали и детали создаваат простор кој малку потсетува на некои стилизирани скриени француски или италијански градини.
МИНУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО ЗА ДОПОЛНИТЕЛЕН ШАРМ
Преку употреба на материјали, користење на антиквитети, видови растенија и задржување на стари елементи, авторот постигнал впечаток дека оваа нова градина изгледа како да е тука многу долго, оставајќи можност за влијанието на времето дополнително да донесе свој шарм.
Со природниот тек и стареењето на градината, овој екстериер само ќе добива на својата импресивност и ќе маѓепсува уште повеќе. Величествениот впечаток на просторот е тука, се наоѓа во секој внимателно испланиран и одбран елемент и детал.