Планините на Вирџинија важат за инспирација на бројни песни и тоа со генерации наназад, но нивната убавина може да ве остави без зборови. Како и секоја година, есенските бои долж планините Блу Риџ – Blue Ridge во Вирџинија го прават регионот едно од најубавите места во светот.
Планинските предели во Вирџинија се повеќе од чисто визуелна привлечност. Тие нудат уникатна култура, наследство, музика, регионална уметност, вино од светска класа и сè што може да се замисли за рекреација на отворено. Ова е причината зошто Вирџинија е привлечна за љубителите на планината.
Планините Blue Ridge или Син гребен се дел од Апалачките Планини во САД. Blue Ridge се протега на површина од речиси илјада километри и тоа од Сојузната Држава Пенсилванија, преку делови на Мериленд, Вирџинија, Северна и Јужна Каролина, па сè до Џорџија. Гребенот е релативно тесен, со просечна височина од 600 до 1.200 метри.
Синиот гребен е создаден со подигање на тектонските плочи на Земјата од пред 1,1 милијарди до 250 милиони години. Планините Blue Ridge се познати по тоа што имаат синкава боја кога се гледаат од далечина. „Синото“ во Blue Ridge доаѓа од изопренот ослободен во атмосферата. Ова придонесува за карактеристичната магла на планините и нивната боја.
Целиот регион е сложено расчленет од бројни мали потоци, а трите големи реки, Ронок, Џејмс и Потомак, сите во Вирџинија, практично ги пополнуваат празнините низ гребенот.
Патот Skyline Drive е единствениот јавен пат низ Националниот парк Шенандоа (Shenandoah), којшто важи за прекрасно историско национално богатство. Почнува од гратчето Фронт Ројал и потоа се поврзува со Blue Ridge Parkway.
Blue Ridge Parkway е исто така живописна автомобилска патека (755 километри) што се протега на југозапад до Националниот парк Great Smoky Mountains.
Речиси 70 локации нудат неповторливи погледи на долината Шенандоа.
Патеката Апалачи е јавна планинарска патека долга преку 4.500 километри долж Апалачките Планини. Минува низ живописни, пошумени, пастирски, диви и површини со културолошко значење. Замислена во 1921 година, изградена од обични граѓани, а завршена во 1937, денес за патеката се грижат Службата за национални паркови, Американската шумска служба, бројни државни агенции и илјадници волонтери.
Таканаречената кулминација на боите е видлива од средината на октомври до почетокот на ноември.
Во планинскиот регион Blue Ridge се регистрирани преку 700 видови дрвја и растенија.
Вирџинија има преку 300 винарии и секако секоја со свој поглед. Без оглед дали ги претпочитате полните вкусови на Cabernet Sauvignon или деликатниот и свеж вкус на Pinot noir, секој вистински љубител на виното знае дека исклучителната чаша вино ќе ве натера да посакате уште. Винариите нудат многу повеќе од наградувани вина – прошетки низ лозјата, пикник со пријатели, набљудување диви животни на пространи пасишта. Доколку посакувате може да бидете авантуристички настроени и да барате мечки или едноставно само да се опуштите во шталите со коњи и со прекрасниот поглед кон лозјата опкружени со силуетата на извонредните планини Blue Ridge во далечината.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)
Фото кредит / iStock by Getty Images