Торбите и чанти по кои лудува целиот свет сега се прават во нова фабрика која повеќе личи на расадник отколку на производствен погон.
Концептот на објектот во местото Bagno a Ripoli, недалеку од Фиренца, го осмисли и разви миланското биро Piuarch, а потоа со развојот на проектот координирал одделот за архитектура на модниот бренд Фенди.
Комплексот од околу 14.000 квадратни метри, кој се наоѓа во ова тосканско село, замислен е во согласност со високите стандарди за производство, бескомпромисен ентериер кој во преден план ја става функционалноста, но и напредните системи за енергетска ефикасност.
Замислата на модната куќа Фенди била со проектот да ја комбинира извонредноста на нивните производи со архитектура која ќе биде не само препознатлива, туку и еколошки прифатлива.
Поаѓајќи од овој иновативен пристап, бирото Piuarch проектирало објект кој се протега хоризонтално низ едно ниво, со цел да создаде слободна форма според потребите на производниот процес.
Практичноста на просторот на овој начин станува главна карактеристика на новата фабрика, која комбинира бројни различни функции склопени во една функционална целина, пишуваат архитектите за ArchDaily.
Објектот уште на стартот е дефиниран преку соработка со пејзажниот архитект Антонио Пераци, а целта била да се создаде тесна врска помеѓу архитектурата и природната средина.
На оваа локација некогаш постоела фабрика за тули, па целиот објект е поставена така да го почитува земјиштето на кое се наоѓа и кое го опкружува.
„Работата со Piuarch е секогаш стимулативна, лесно ни беше да дојдеме до иста бранова должина и заедно да изградиме проект кој ги почитува еколошките и естетските теми, а кој исто така е способен да изнедри култивирани и префинети пејзажи“, вели пејзажниот архитект Антонио Пераци.
Архитектурата на фабриката воспоставува отворен дијалог со нејзината природна средина. Зградата, која навидум е вкопана, благодарение на обликувањето на пејзажот преку континуиран и екстензивен зелен кров, станува целосно интегрирана со околината.
Огромната кровна градина која ја исполнува не само еколошката туку и социјалната улога на заедницата, станува простор прилагоден за корисниците и место за дружење на вработените.
„Идејата беше да се реконструира природниот пејзаж преку архитектура која се чини дека исчезнува во самиот пејзаж. Кога архитектонски проект вклучува и проект за пејзаж, симбиозата со животната средина се развива природно“, рече Џино Гарбелини од Piuarch.
Како заштитен знак на проектот се издвојува зелениот кров „издлабен“ од тераси кои повремено го прекинуваат неговиот континуитет, но и ги осветлуваат внатрешните простори.
Од зелениот кров преку дворот до индустрискиот парк што го опкружува објектот, сè заедно има за цел да ја трансформира локацијата во нова, проширена градина.