Насловна / Архитектура / Ранко Радовиќ: Роншан е посветен на луѓето, а на божествата само онолку колку божествата не се разликуваат од нас

Ранко Радовиќ: Роншан е посветен на луѓето, а на божествата само онолку колку божествата не се разликуваат од нас

Во големиот опус на еден од најмногу оспоруваните, а некогаш и најмногу фалените архитекти на модерното време, човекот за кого Пјер Франкастел вели дека за него никогаш нема да може да се каже ниту доволно добро, ниту доволно зло, Шарл – Едуар Женере, попознат како Ле Корбизје, катедралата во Роншан, претставува сосема посебно дело. Градбата е завршена во раните 50-ти години. Предизвикала голема возбуда, како меѓу оние кои го ценеле, така и меѓу оние кои Ле Корбизје го одбивале.

0011

За многумина малиот, слободно извајан храм со придвижени, неформални и овални бели ѕидови, бил чисто предавство на тврдите принципи на таканаречената модерна архитектура и нејзиното крило „Интернационалниот стил“. За таква една рационална, геометриска и отуѓена архитектура, Ле Корбизје наводно дал катахезис, до кој, еве тука во Роншан не се држи. Била тоа, многумина зборувале, уште една неконтролирана фантазија на „лудиот архитект“, кого едни го нарекувале „тројански коњ на болшевизмот“, а други во исто време и за исти работи го опишувале како „фашистички архитект“.

07

Важна е вистината дека Роншан јасно и недвосмислено отстапува од едно популарно и сведено сфаќање на модерната архитектура. Нејзината единствена логика наводно е (а сигурно е таква масовна и стерилизирана градба за секакви пазари и за јасни интереси на одредени групи), да биде рационална, само геометризирана, правилна, строга, рамна, плитка, стандардизирана, функционална, силно нагласена, бела, грда, бетонска, секаде иста и еднаква, глобална, и интернационална, безлична, дизајнирана, без дух и без идеи, без значење.

04

Таква неточна и соголена модерна архитектура навистина не можела да се споредува со Роншан – Роншан беше „нешто друго“, но се уште, денес е извесно, дело на модерната архитектура, онаа целовита и плуралистичка, онаа која вклучува многу идеи, луѓе и движења, а не онаа која се исклучува и сведува. Полемиката, која Роншан како куќа ја започнал со догмите на „модерната“ би можела сега, после повеќе од половина век од неговата изградба, и по смртта на Ле Корбизје, да се смета завршена во корист на Роншан.

2 1

Најнапред, Роншан има јасен однос кон својата позиција, местото, положбата. Подигнат на еден брег во источните краишта на Франција, насочен, како што пишува самиот Корбизје кон „сите четири хоризонти“, кон видиците, природата и околината – Роншан е градба во дијалог со природата, со топографијата. Самото место изискувало свое продолжение – куќа. По повод Роншан градителот воведува термин „визуелна акустика“- идеја за слики кои се звуци што ги испраќа куќата. Прочуената дефиниција на Ле Корбизје дека „архитектурата е чиста и коректна игра на маси на светлина“, можела да произлезе од храмот во Пестум, градот Мачу Пичу, Ротондата на Паладио или опсерваторијата во Жајпур, но и од Роншан. Положбата и местото на сонце биле првиот извор на оваа архитектура.

005

Друга вредност на оваа градба, која многумина ја сметаат една од неколкуте ретки успешни сакрални простори на севкупната модерна епоха, е во тоа што таа целата е исполнета со некои свои посебни значења и идеи и што нуди многуслојни читања и толкувања. Во својата книга за постмодерна архитектура, Чарлс Џенкс нагласува дека кровот на Роншан се чита и како барка, и како школка, лист, брод, споени дланки на човечки раце, сад со вода, попска капа. Јас го доживеав внатрешниот простор како пештера на првобитна христијанска заедница, која се крие пред лутите Римјани, како простор на еден прогонет свет, блиску до катакомби, свет кој верува и е поблизок до паганската искреност, отколку до официјалната бирократија на „службата“, па макар таа да се вика и божја.

9

Роншан внатре е и соба – ќелија, со спуштен свод и мали мерки, на друг крај и далеку од готските катедрали. И витражите кој Ле Корбизје ги сликал се вистински минијатури, бескрајно смален дел на големите розети на Нотр Дам или катедралата во Шартр, и двете Корбизје ги сакал и познавал. Тврдина, прибежиште, голема дневна соба на голема верска задруга – се тоа во исто време е Роншан во себе. Можеби дури е и самозатвор со скриени влезови и пригушено светло. Куќата секое од овие толкувања ги овозможува и нуди. Нејзината плуралистичка низа со која е смислена предизвикува различни видувања.

03

008

Ронашан е експресивен, едновремено и едноставен и ѓаволски комплексен. Ле Корбизје многу добро знае што се контрасти и како се користат контрадикторности. Формата на градбата е исклучително важна, но таа форма не е испразнет графизам и формализам. Пластичното и просторно – ликовната експресивност подредени се на целите и духовноста на храмот, кој на тој начин станал близок и разбирлив на секој намерник, дури и на оној кој во Нашата Госпа од висните, на која и е посветен објектот, ниту малку не верува. Мене ми се чини дека градбата е над својата тема и програма – таа се упатила, како и толку други објекти, простори и градови, долж историјата на архитектурата, кон некои трајни и универзални идеи и вредности на луѓете и културата, целосно над непосредната функција за која е подигната.

02

Позади секој детал на оваа градба како да стои целата содржина, една фабула. Кровната школка не е ослонета на инаку силниот масивен ѕид, кој овде на некои места е повеќе и од еден метар дебел масив на куќата. Неколку елегантни и во ѕидот прикриени бетонски столбови во скелетен дух на учителот на Ле Корбизје, Огист Пере го носат овој кров, за десетина сантиметри подигнат од линијата на ѕидот. Ете „нечиста конструкција“: зошто бетонски скелет кога ѕидот би можел и неколку пати да го носи кровот? Ете светлосен прекин, ленти, ете впечаток дека кровот лебди над нас, додека светлината со својата сјајна лента ги укинува и дематерјализира и самите столбови.

006

Тешкиот бетонски кров – тој вечен мотив на архитектурата – како да станал лесен и лебдечки покрив од слама на овчарска колиба во која кралевите, според легендата, помеѓу овците му се поклониле на малиот син на дрводелецот Јосиф и неговата жена Марија. Но, кровот овде е и некој син свод во мало, направен да лебди меѓу световите.

08

Поранешната црква од 19. век на истото место, урната е за време на војната. Останала, се нашла на урнатините една понова, и не многу вредна скулптура на Марија, од помал формат која ја прикажува. Што прави голем градител? Ја зема Марија за мотив на својата куќа, нејзе единствена како фигура, и ја поставува во ниша на фасадата, помеѓу две стакла, видлива и од внатре и од надвор. Светлината ја осветлува нејзината подигната мала фигура, како да е далеку, онаа иста светлина за која големиот архитект од 18. век, Буле пишувал дека со неа архитектурата се – „компонира“.

001

Од таа светлина скулптурата се менува, исчезнува и сменува, како што се движи сонцето, годишното време, денот или ноќта. Околу скулптурата – има многу светли точки – отвори во моќниот ѕид. Тоа како да се небески ѕвезди кои и самите се како некој приказни, еднакво неточно како и потребата да им веруваме. Ни трага од мистицизам на просторот и ликовни барокни вознесенија, илузии стравопочит за божествени и надземни битија: Роншан не е место за молитва и покајание туку простор за мислење и бајки.

7

Ле Корбизје ниту надвор не отстапува од ова: нема монументални влезови, припремни простори, нартекс. Камбанариите и светлосните вертикали како да не потсетуваат на патувањата на Корбизје и познавањето на Рим, балканските куќи каде патувал и цртал во десеттите години на 20. век, како и познавањето на минарињата на големите храмови на Истанбул. Белина на ѕидот како во Алжир и на северниот крај на Медитеранот; витражи како на Шартр; „луле“ за одводнување вода од кровот на Богородичната црква во Париз; исламски вертикали, но овде во слободен распоред; пагански простор и пештера; аскетска форма на скалите; како јапонски или норвешки или грузиски модели: модерна логика на куќа – од ништо не се лишува Роншан.

3

Овде Ле Корбизје преработил многу историски искуства, ги развил и збогатил. Од старите мотиви на одведување на водата од кровот тој прави лута глава на бик со моќни ноздрви на кои се сеќаваме од сликите на Пикасо. Под овалната стреа на големиот кров, повторно поучен од традицијата, Ле Корбизје остава место за отворени беседи, проповеди и средби на дојденците со мештаните за деновите на прославите на предодот на зимата во пролет. На ист начин архитектот ги обликува емајлираните порти како тешки врати на сите храмови на светот, подовите на црквата во камен цртеж и прамец на градбата која секогаш се мисли и како некој брод.

002

Така меѓу многуте критики кои денес често му се упатуваат на големиот мајстор од Шо де Фон, кај кого некогаш работеле и југословенски архитекти: Равникар, Пантовиќ, Најдхарт, Вајсман и други, и кој извршил големо влијание на архитектурата на 20. век, мора да се најде место за многу негови идеи и сфаќања. Тие ги поместиле границите на градителското сфаќање на многу планови и во многу насоки. Огорчен противник на акдемизмот, еднакво инспириран кога пишува и кога говори, кога гради и кога слика – Ле Корбизје, иако самоук и без „завршена школа“, остава позади себе како и секој вистински творец повеќе прашања отколку одговори. Вистина, денес веќе е јасно дека наспроти неговиот Роншан стои неговиот тврд и рационализиран урбанизам, кој според мое мислење повеќе е плод на времето и општествените реалности, отколку на една единствена личност – Ле Корбизје.  Тоа всушност е и транја карактеристика на секоја човекова населба, по што таа, помеѓу останатото, и се разликува од куќа која често човек може да ја подигне и сам. Нема град на светот кој го подигнал осамен човек и за кратко време.

004

Ле Корбизје, кој и не припаѓал на католичкиот свет направил, после многу вили, уметнички галерии, домови за стари, Домови на Советите и министерства, згради за судови и манастири, една куќа – храм која станала дијалог со времето. На Роншан се трепери и опстојува, благодарение на преиспитувањето на животот, надвор од догми. Роншан е посветен на луѓето, а на божествата само онолку колку божествата не се разликуваат од нас.

Ранко Радовиќ од книгата „Антологија на куќите“

003

0013

 

8 5 0010 009 os

Испрати коментар

Scroll To Top