Добитник сте на повеќе награди и признанија за вашето творештво, но Наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ е како круна на целиот Ваш професионален ангажман. Што Ви значи оваа награда?
Наградата ми значи многу бидејќи тоа е највисока награда која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ и е доделена од професионална асоцијација и колеги професионалци за моето присуство и архитектонско творештво во изминатите 45 години. Со самото добивање на наградата и членството во Архитектонската академија на ААМ задоволството е поголемо бидејќи сум дел од групата реномирани македонски архитекти потврдени од самата струка.
Во период од 40 години творечка дејност сте се занимавале со повеќе сегменти, и со проектирање, и со изведба, сте биле и инвеститор. Како ја доживувате Вашата кариера? Кој сегмет посебно Ви значи?
Ја доживувам како потполна реализација на студентските мечти на еден иден архитект, а проектирањето сепак е најзначајно за секој архитект. Подоцна изведбата и инвеститорството се значајни етапи од мојот професионален живот на кои исто така сум горд. Преку 150 проекти и многу реализации, изградени повеке од 10.000 квадратни метри станбен простор и истовремено задоволни нарачатели и корисници е накратко резиме за мојата кариера.
Деловен комплекс АБ, Скопје
Сте работеле во големи проектантски бироа, подоцна и во помало, сопствено биро. Која е разликата?
Разликата е огромна. Во големите проектантски бироа добивате работа бидејќи инвеститорот се одлучил својата инвестиција да ѝ ја довери на фирма. Како дел од фирмата вие работие на проектот. Додека во сопственото биро вие сте тој кој ја носи работата и инвеститорот вам ви верува, на вашето биро и вашите соработници. Имав среќа да во време кога архитект Раѓеновиќ го формираше новото проектантско биро Мавровопроект да бидам дел од тимот. Укажаната доверба и можноста да работам на повеќе проекти од кој дел се реализирани во Македонија, дел во Русија само придонесоа да го зголемам мојот проектантски опус и да се стекнам со искуство кое подоцна во работата на „Ателје Ајвар“ ми беше од голема корист. Во тоа време во проектантските бироа истовремено се работеа многу проекти од сите области и можноста да работите или следите различни проекти е огромно искуство кое за жал денес помладите архитекти го немаат.
Уште во студентските денови сте дел од неформалната група „Ајвар – Подрум кај Симе“, заедно со Ваши колеги и пријатели, која подоцна прераснува во првото приватно проектантско биро кај нас. Како се случи првото приватно проектантско биро?
„Ателје Ајвар“ е резултат на долгогодишната заедничка работа од студентски денови, па потоа архитектонските конкурси и акумулираното поединечно искуство во проектантските бироа во Скопје. Со Гулевски, Радоњиќ и Смилевски го формираме „Ателје Ајвар“ и понудивме, тогаш нешто ново на пазарот, директен контакт инвеститор – архитект. Беа тоа тешки, но драги моменти, чии резултати и денес ги гледам и сум горд на нив. Влегувате во нешто ново кое го посакувате, самостојност, но се среќавате со многу работи кои не зависат од вас. Сега после толку години исто би постапил бидејќи самостојноста и изборот се гаранција за квалитетен проект.
Како ја оценувате ситуацијата во областа на проектирањето денес?
Проектирањето денес е во катастрофална ситуација. Во време на транзиција и смалено поле на инвестирање денес главно се проектираат станбени објекти. На почетокот на мојата кариерата јас во „Мавровопроект“ имав можност да работам проекти од домување, индустрија, трговија, хотели, образование. Подоцна и во „Ателје Ајвар“ имавме таква можност, додека денес колегите проектанти ја немаат таа можност и сè се сведува главно на проекти за потребите на инвеститорите во станбената изградба. Многу ретко се работат проекти за индустриски објекти, хотели, администрации, спортски објекти. Тоа за жал е видливо и на последните неколку биеналиња на македонската архитектура и годинашните изложби. Големата награда за реализиран објект, за среќа годинава е од областа на социјалните објекти. Можеби ова е знак дека доаѓа ново подобро време за проектирање.
Хотел „Илинден“, Крушево
Со децении се говори за сè пониската цена на проектантските услуги. Комората ОАИ изготви и изгласа Предлог-тарифник за инженерски услуги уште пред повеќе од три години за кој е потребна согласност од надлежното министерство и сè уште ја нема. Сметате ли дека Тарифникот треба да стане дел од Законот за градење и дека покрај цената тој ќе придонесе и за подобар квалитет на проектите?
Секако. Како еден од учесниците на формирањето на Комората сметам дека тоа е правилно поставување и вреднување на сите учесници во процесот на градење. Најголем кривец за нефукционирање и деградирање на инженерските услуги е самото Министерство за транспорт и врски, кое законски ја формираше Комората и ја внесе во Законот за градење, но не создаде услови за нејзина функционирање. Во тој период имавме голема подршка од Германската комора околу организацијата и формирањето на нашата Комората со пренесување на нивното искуство. Ние не успеавме ниту да ги пренесеме и „плавите таблици“, кои во време на СФРЈ функционираа и се почитуваа. Искуствата со реално вреднување на цената на инженерските услугите, но истовремено и контрагаранции кон инвеститорот со осигурување на проектот од евентуални штети поради лош проект или неусогласеност со законската регулатива во висина на вредноста на инвестицијата, а не договорената цена на проектот како заштита на инвеститорот. Поминаа 14 години од формирањето на Комората, а тарифникот сè уште не е законска обврска.
Амбасада на Швајцарија, ул.„Максим Горки“, Скопје
Сте посетувале постдипломски студии на Архитектонскиот факултет во Белград од областа „Становање“, кај професорот Мате Бајлон. Како Ви изгледа денес станбената изградба во Скопје?
За жал лошо. Во периодот кога ги посетував постдипломските студии и кога почнав да работам станбена изградба, таа беше на многу повисоко ниво од денес. Јасната поставеност на сите учесници во изградбата и тогаш постоењето за Сизовите и ПУИГ на град Скопје, резултираа во изградба на цели комплекси како што се населбите Карпош, Аеродром, Автокоманда и други, кои и сега се на повисоко од она што се гради денес. Пред сè мислам со почитување на урбанистичките параметри беа создадени населби кои и денес се коректни и се пример за живеење во градски населби.
Учесник сте на многу конкурси, и југословенски, и македонски. Конкурсите денес се сè поретки, а стручната јавност и граѓаните сè повеќе ги бараат. Но и кога ќе се објават се со мал број учесници (примерот со „Треска“). Потребни ли ни се конкурси, потребен ли ни е конкурс за локацијата спроти „Холидеј Ин“?
Конкурсите секако дека се потребни, тоа е демократско ниво на одлучување. Преку конкурсите се усогласуваат желбите на сите учесници во градбата и на инвеститорите и на корисниците од една страна и можностите на просторот и законската регулатива од друга страна. Конкурсите под услов да се распишат стручно, со почитување на добиените резултатите од истите и со вклучување на наградените учесници ќе дадат квалитет. Секако треба конкурс не само за локацијата спроти „Холидеј Ин“, туку и за многу други помалку атрактивни локации во Скопје.
Да се каже дека архитектурата значи само градење, е премногу елементарно, особено во денешните современи услови во кои урбанистичко-архитектонското планирање и проектирање се подига на многу повисоко ниво. Мораме ли да промениме нешто во урбанистичкото планирање?
Урбанизмот е основа. Подигањето на повисоко ниво е можно само со користење на веќе потврдените резултати во светот и нивна доследна примена во живо, а не само на хартија. Потребна е промена во постапката на донесување на плановите и учество само на компетенти учесници, а не мислења на месни заедници.
Трговски центар „Беверли Хилс“, Скопје
Автор сте и член на проектантски тим на повеќе објекти. Можете ли да издвоите некој објект кој Вам најмногу Ви значи?
Во периодот додека бев во „Мавровопроект“ би го издвоил Трговскиот центар во Капиштец. Проектот беше работен за трговската фирма „Центро Скопје“. „Маврово“ го реализираше, а граѓаните го нарекоа „Беверли Хилс“. Именувањето на Центарот од граѓаните со престижното име на гламурозниот американски град е потврда за мојот труд дека сум направил добар проект кој е високовреднуван од корисниците.
Подоцна во „Ателје Ајвар“, бензинските пумпи за „ЈУКОС“, релизирани во сибирскиот град Омск. Ова беше комплетен инженеринг од проект до реализација во едни специфични услови во тој период во Русија и перестројката.
Бензиска пумпа „Јукос Сибир“, Омск, Русија
Велат дека често најдобрите проекти на архитектите за жал не доживеале реализација. Ви се чини ли дека ова и вам Ви се случило?
Да, тоа е случајот со мојот прв проект Крематорим – Градски гробишта Бутел Скопје, кој беше и моја дипломска работа и не доживеа реализација, а и денес после 45 години, кога го гледам проектот низ призма со 45-годишно искуство, не можам да најдам замерка и штета што градот нема реализирано ваков комунален проект.
* * * * *
Ранчо Христов е роден 1951 година во Скопје, каде завршил основно образование и гимназија „Орце Николов“. Во 1976 година дипломирал на Архитектонскиот факултет во класа на професор Љубен Најденов на тема, Крематориум градски гробишта Бутел, Скопје. За време на студиите се занимава со графички дизајн во склоп на групата „Дизајн Фарабо“.
Од 1973 година со своите пријатели ја оформува неформална студентска група „АЈВАР“ – „Подрум кај Симе“, каде зедно работи и студира со Симон Узуновски – Симе, Миодраг Радоњиќ – Бато и Стеван Смилевски – Кокан. По завршување на студиите студентската група прераснува во Конкурсна „Група АЈВАР“ со архитектите Ранчо Христов, Миодраг Радоњиќ – Бато, Стеван Смилевски – Кокан, Мартин Гулевски, а со групата повремено работат и Крсте Џидров – Џиби, Влатко Коробар и Слободан Живковски.
По дипломирањето работи во 1976 година се вработува во проектантското биро „Алумина Енергоинвест“ во Скопје, а од 1981 до 1991 година работи како проектант во „Мавровопроект“, Скопје.
Од 1991 година е партнер во првото приватно архитектонско биро кај нас, „Ателје Ајвар“, каде со вработените и дел од Групата „Ајвар“, како надворешни членови на проектантскиот тим, соработува се до 2001 година.
Од 1995 година е еден од основачите на „Компанија Х.Р.Р.М“, како инвеститорска и градежна фирма партнер на „Ателје Ајвар“. До пензионирањето во 2017 година со колегите работи на проектирање, инвестирање и изведба на голем број објекти.
Во своето 40 годишно творештво, изработил повеќе од 150 проекти од кои 75 се реализирани, а учествувал и на 27 конкурси.
Архитект Христов во своето обраќање се заблагодари за наградата, за која вели дека многу му значи, особено затоа што е доделена од колеги, како признанеие за неговата професионална кариера.
Претседателот на ААМ, Мишко Ралев кој свечено му ја врачи наградата на лауреатот изјави дека архитект Ранчо Христов „со својата работа и дејност во областа на архитектурата и градителството, придонесе за пресврт во архитектонската пракаса од еден систем на монопол на големите општествени бироа од кои и самиот произлезе, во ново приватно претприемништво со поинакви проектантски стандарди во кои творечката слобода стана нов квалите, наспроти предходниот квантитет и резултираше со особена продукција на проекти, изведени градби и идејни конкурсни решенија, кои го одбележаа крајот на минатиот и почетокот на овој век“.
Позначајни реализирани проекти како проектант во „Мавровопроект“:
– Станбен објект на бул. „ЈНА“,(денес Св. Климент Охридски) Скопје (1982)
– Административен објект со ресторан „Газела“ (1983)
– Хотел „Еуротел“, Струга (1985)
– Олимписки базен со медицинска терапија „Запољарје“, Сочи, Русија (1984)
– Типски фабрики за преработка на месо, Русија
– Трговски центар „Беверли Хилс“, Скопје
Куќа „Дрезденска“, нас, Тафталиџе, Скопје
Позначајни реализирани проекти како проектант во„Ателје Ајвар“:
– Реконструкција на Музеј на Град Скопје
– Базар Бели, Дебар
– Хотел „Алфа С“, Трутнов, Чешка
– Куќа Бегу, Дебар
– Резиденција на Руската Федерација, Скопје
– Куќа Вуќиќевиќ, Скопје
– Куќа Хорват, Скопје
– Куќа Костовски, Скопје
– Куќа Јанкуловски, Охрид
– Администрација „Кометал“, Скопје
– Куќа Х.Р.Р.М. 001, ул „Донбас“, Скопје
– Гинеколошка клиника Чаир, Скопје
– Занаетчиски центар Бутел, Скопје
– Куќа Лековски, Скопје
– Дискотека „Колосеум – летен клуб“, Скопје
– Касарна на НАТО, Скопје
– Станбена зграда, ул. „Огњан Прица“, Скопје
– Станбена зграда, ул. „Гиго Михајловски“, Скопје
– Катна гаража бул: „Јане Сандански“, Скопје
– Деловен објект „Мак Аутостар“ со салон „Мерцедес“, Скопје
– Куќа „Дрезденска“, нас, Тафталиџе, Скопје
Конкурси:
– Загреб, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „Пливачко рекреативен центар“, 1977, (откуп)
– Жабљак, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс „Спомен дом Жабљак“, 1977, (откуп)
– Загреб, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „Национална Свеучилишна библиотека“, 1978 (откуп)
– Скопје, Републички архитектонско – урбанистички конкурс, „Административен објект на Сојуз на возачи на СРМ“, 1978 (откуп)
– Задар, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „Спортски и трговски центар“, 1983, (откуп)
– Пљевља, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „ Спортско рекреативен центар“, 1984, (специјално признание од жири)
Награди и признанија:
– Признание БИМАС 1987 за административна зграда „Македонијаинвест“, Скопје
– Награда за најдобар проект на БИМАС 1993, хотел „Алфа С“, Трутнов, Чешка
– Награда за „Куќа која сонува“ на семејство Костовски на БИМАС 1997
– Специјално признание на БИМАС 1997 за квалитетна и бројна презентација на проекти и реализации/Ателје Ајвар
– Награда од Град Скопје за најдобро реализиран објект во 2000 година, куќа Х.Р.Р.М. 001, ул „Донбас“, Скопје
– Награда и благодарница од главниот архитект на Град Скопје за станбено – деловен објект на ул. „Огњан Прица“, Скопје, 2003 година
– Во 2017 година награда „Борис Чипан“ за придонес во развојот на архитектонска – инженерската струка во Македонија од Комората на овластени архитекти и овластени инженери
– Во 2020 година награда BIG SEE ARCHITECTURE AWARDS 2021 во категорија станбена архитектура за куќа „Дрезденска“, нас. Тафталиџе, Скопје
*Текстот е поддржан од Минситерство за култура на РС Македонија