Некако тивко, речиси и неприметно, во самиот центар на Белград, на крајот на пешачката улица „Кнез Михајлова“, близу почетокот на Калемегдан, се појавува еден од најзначајните објекти што овој град ќе ги добие во скоро време. Како што тоа обично бива во овој град, секој поголем проект е поврзан со контроверзии. Од археолошки наоѓалишта кои во недоглед го пролонгираат почетокот на градбата, па се до замрсени имотни односи кои правдата ја бараат на суд.
Сепак, еден градежен колос доби свои контури и засекогаш ќе ја промени нашата перцепција на тој, по многу нешта, значаен простор за Белград. Накратко, овој објект ќе ја пополни „дупката“ во центарот на градот која овде стои со децении.
Во денешно време на нестабилни општествени прилики, фокусот на градење е поместен кон мултифункционалните објекти, така што ни овој објект не е исклучок. Тој го следи трендот на обединување на различни функции во еден хетероген објект. Покрај првенствената намена за трговски центар, објектот обединува и хотелски и деловни содржини кои се сместени во делот на комплексот кој се разликува од остатокот на објектот.
Површината на целиот комплекс е приближно 57.000 квадратни метари, од кои во првата фаза на изградба ќе бидат реализирани гаража за 500 пакинг-плацови, од речиси 20.000 квадрати, и малопродажен центар на 18.000 квадрати. Објектот се граничи со улиците „Кнез Михајлова“, „Узун Миркова“, „Крал Петар“ и „Француска“. Самиот назив на објектот „Рајиќева“, по улицата „Рајиќева“, е интересен бидејќи новиот комплекс не се наоѓа во неа туку од улицата „Рајиќева“ се излегува на самиот објект.
На локацијата каде што се гради има и постоечки објекти од кои некои имаат голема културна или архитектонска вредност. Заради тоа, формата на објектот е неизедначена, додека архитектонскиот израз е различен во зависност од улицата на која се наоѓа тој дел од објектот.
Во својата суштина, формата на објектот е многу сведена со едноставна стаклена фасада и правилни облици на кубус. Едно од објаснувањата за тоа, би можела да биде желбата на проектантите, со својот објект што помалку да влијаат на постоечкото опкружување. Сепак, различноста во пристапот на одредени делови од објектот се гледа во тоа што фасадата кон улицата „Крал Петар“ е многу помалку сведена отколку фасадата кон „Француска“ улица, секако, заради постоењето на низа од предвоени објекти во таа улица.
Во улицата „Крал Петар“, објектот со својот стил ќе биде вклопен во средината. Тоа претставува проектно решение на архитектите Милан и Владимир Лојаница, кое на многу добар начин комуницира со околината. Секако, најважен дел на објектот кој има комерцијална содржина е делот што директно излегува на пешачката зона во „Кнез Михајлова“. Во тој дел објектот е вовлечен, со голема натстрешница која отвора можности за формирање на големо плато.
На тој начин, иако во прашање е приватна инвестиција, објектот придонесе во зголемување на површината на јавниот простор.
Централниот дел на објектот ќе биде еден голем, осветлен атриумски простор, кој на некој начин е продолжение на самата пешачка улица, а покривот на трговскиот центар е корисен простор од каде ќе се пружа поглед кон стариот дел на градот. Интересна е и употребата на челични конструкции за централниот дел на трговскиот центар, што главно не е практикувано досега. Со тоа е постигната можност за поголеми растојанија и подобра искористеност на просторот. Проектирање на еден објект со овие габарити во самото градско јадро, претставува голем предизвик бидејќи е потребно добро да се согледаат сите урбанистички аспекти на одбраната локација.
Пред сè, да се пронајде најдобар можен однос на искористување на просторот, а притоа околната инфраструктура да не трпи последици од еден таков нов објект. Како новиот објект ќе влијае врз околината, ќе дознаеме кога ќе биде отворен, дали се 500 паркинг-плацови сосема доволни за таков простор.
Според најавите, во новоизградениот објект ќе работат приближно 400 луѓе, додека за време на градбата биле ангажирани околу 300 работници. Инвеститорот, израелската компанија АБД, вложил близу 80 милиони евра, а отворањето е планирано за првата половина од 2017-та.
Несомнено е дека проектот на трговскиот центар ветува, пред сè, со обединување на голем број различни функции на еден паметен начин и со проектниот пристап кој секоја целина ја посматра посебно. А самиот објект е таков што добро комуницира со постоечкото опкружување, истакнувајќи ги неговите предности, како на пример решението што овозможува самата пешачка јавна површина да стане дел од новиот објект.
Истовремено, објектот станува дел од јавната површина не само со бришење на јасната граница, каде се завршува улицата а каде почнува објектот, туку и со фактот што Белград добива нов јавен простор на покривот од објектот и видиковец кој досега не постоеше.
Очекувањата од еден мултифункционален објект со фокус на трговски центар, проектиран и изграден во 21 век, најчесто, се слични без разлика на локацијата на самиот објект. Само многу добри проекти успеваат во она што стана парадигма на трговски центар, а тоа главно е еден затворен контејнер со идентични продавници и содржини, да додадат посебна вредност во архитектонска и урбанистичка смисла. Изгледа дека трговскиот центар „Рајиќева“ во теорија во тоа и успеал. Дали резултатите ќе бидат задоволителни и кога приказот, проектот, градилиштето ќе стане завршен објект и реалност на овој град, останува да се види со почетокот на идното лето.