Феноменологијата и прашањето на перцепција, нè обврзува да го доживуваме просторот одејќи низ него и нè издигнува на степен повеќе во однос на секојдневната невроза на функционалниот свет.
Редизајниран е простор од 105 м² во кој работат осум архитекти. Задачата за проектот и желбата на архитектонското студио на себе ја презема Пако Радовановиќ. На испомош се изложени дела на Томо Шијак, Петар Хаџи Бошков, Васил Василев, Златко Глигоров, Сретко Јовановски, Слободан Живковски, Станко Павлевски, Нове Франговски, Микица Трукановиќ. Просторот е изведен од иверица, кородирачки лим и мермер. Сето тоа е во хармонија со специфичниот под.
Домашен изведувач, домашни материјали – ретко дело
Подот во „Радо студио“ е дело на изведувачот, фирмата „Баутек“, и користените материјали од компанијата „Адинг“.
Постојниот под беше од керамички плочки и цементна кошулка. Најпрво се направи проверка на стабилноста и јачината на подлогата. Потоа со брусење се исчисти површината и се отстрани глазурата од керамичките плочки, кои во овој случај беа стабилни и добро залепени.
Следната постапка е нанесување на епоксиден прајмер Адингпокс 1П, чија цел е да обезбеди затворање на порозната подлога и да обезбеди добра врска со наредните епоксидни слоеви.
На поголемиот дел од површините е изработен саморазливен декоративен под Адингпокс 2 Еко, кој се карактеризира со висока сјајност и отпорност на абење. Адингпокс 2 Еко е двокомпонентен производ, во кој по потреба се додава кварцно полнило во соодветен гранулометриски состав, кој како подготвен се нуди од произведувачот. Адингпокс 2 Еко се нуди во бои според стандардната РАЛ сјајна карта. Како подлога беше искористена бела боја која рамномерно беше нанесена по дефинираната површина, за потоа, на свежо нанесената смола со Адингпокс 2 Еко во други бои и пигменти, да се изврши исцртување – прошарување. По соодветниот период за врзување на смолата, подот беше подготвен за употреба.
Вториот тип на под во менаџерската канцеларија во сива боја со нанесени апликации е изработен со епоксиден глет, подготвен со Адингпокс 1 Еко и посебни полнила кои ја даваат бојата и завршниот изглед на подот. Овој тип на под има примена и како индустриски во услови на тешки хемиски и механички оптоварувања. Врз зацврснатиот епоксиден глет нанесени се апликации, техника за мурали со авто спрејови за потоа завршно да се излакира со Аднигпокс 1П Еко, премаз со висока отпорност на абење и голема атхезија за подлоги со затворена стаклеста структура.
Микс на ар(х)т, архитектура и уметност
Постои една доследност во работата на студиото „Радо инженеринг“, а тоа е дефинитивното определување за микс на ар(х)т, архитектура и уметност.
Како што Џексон Полок се определува за акционо сликарство, така Пако во оваа задача и во негова чест има пристап на акционен дизајнер. Двата пристапи подразбираат дека во принцип на автоматизам бојата се распрскува, накапува, цеди или во облик на паста се нанесува на подот, така што како краен резултат се добиваат случајни токови и движења на бојата.
На тој начин платното кај Полок или подот кај Пако станува акциона содржина, а сликата израз на динамичкиот процес. Се добива апстрактна слика со големина од 60 м² чии корени се во динамичниот процес на самоостварувањето. Разликата во финалниот процес е што конечниот резултат кај Полок е деструкција, а кај Пако е лоцирање на хармонијата и складноста.