Галеријата „Акантус“ организира отворена работилница за сликање на мурал со Дијана Томиќ Радевска. Оваа работилница има за цел да ја приближи техниката и процесот на сликање на мурал до скопската публика. Сликањето на муралот ќе започне во петок, 5 мај од 16 до 21 часот, а ќе продолжи во сабота и недела од 12 до 16 часот.
Дијана Томиќ Радевска е мултимедијален уметник и дизајнер. Работи на графики, сликарство, уметнички инсталации, арт видео и дизајн. Нејзиниот сеопфатен и сестран уметнички пристап, преку комбинирање на различни техники, се испирација за оваа отворена работилница. Посетителите ќе имаат можност не само да го набљудуваат процесот, туку и во интеракција со уметникот да се вклучат во неговото креирање.
Муралот како уметнички израз е дел од човековиот живот од праисторијата, а првите негови форми сведочат и за знаковниот јазик. Тој како уметничкa форма опстојува во целиот тек на човековата цивилизација, а денес го има задржано истото значење и смисла: да направи слики на општеството, кои се креирани од приказни, вредности, соништа и промени. Токму поради тоа сакаме приказните и соништата посветена на нашите посетители и нивната енергија да бидат дел од овој мурал и заеднички да уживаме во уметноста.