Мексиканското архитектонско биро FMA, внесува палета на топли и земјени тонови во новиот ентериер на корпоративна зграда во Морелиа, Мексико.
Наречена GO HQ, оваа корпоративна зграда од 1.000 квадратни метри сместена е во поранешен манастир од 17. век и се наоѓа во историскиот центар на Морелиа.
Топлите тонови, порозните ѕидови и мебелот од дабово дрво силно го откриваат јазикот на просторот.
Почитувањето на оригиналните архитектонски карактеристики на зградата со максимално искористување на расположливиот простор бил главниот проектантски предизвик.
Важно било внимателно да се идентификуваат промените што ги претрпел манастирот со текот на времето и да се направи разлика помеѓу оние што биле соодветни и оние што не биле соодветни.
„Во последно време, начинот на живот и работните средини поминаа низ значителни прилагодувања за да ги задоволат здравствените и социјалните потреби, како и преференциите на современите генерации“, велат од FMA и додаваат: „Овие промени поттикнаа потрага по пренамена и ревитализација на постоечките простори, наместо да бидат оставени неискористени“.
Вториот предизвик вклучувал преиспитување на начинот на кој компанијата ги спроведува своите работни активности. Ова изискувало воведување флексибилни работни простори наместо фиксни, раскрстување со конвенционалните канцелариски структури и идеологии.
Целата работа се одвива во приземје во централниот двор на поранешниот манастир, кој е претворен во трпезарија. Овде, стебла портокали се вградени во пет жардинери за да се создаде внатрешна градина која секористи како урбан мобилиар и зеленило. Кога е потребно, вработените можат да ги користат овие компоненти како работни места на отворено благодарение на дизајнот.
На катот, работните простори проектирани се да бидат интересни места. Архитектонската програма е сè уште едноставна, но разновидноста и разиграноста на секоја област се извонредни. Ова ниво е проектирано со простори кои им пркосат на традиционалните работни норми и распореди.
Тука се содржини кои вклучуваат библиотека која служи како простор за прием и чекање и аудиториум со гледалиште што може да се користи како сала за состаноци или само место за релаксација со добра книга.
Со кафе бар, ТВ соба и маса за пинг-понг, просторот за одмор е обмислено планиран за да се промовира дружење и опуштање во слободно време. Меѓу овие современи содржини, се издвојува просторијата за медитација – наречена „гнездо“.
Оваа мирна област е посветена на размислување, нудејќи прибежиште за луѓето да ги освежат своите мисли и да избегаат од секојдневниот живот. Ова ја нагласува важноста на менталната и физичката благосостојба и на крајот го подобрува квалитетот на животот и продуктивноста на вработените.
„Дизајнот на ентериерот внимателно е избран од палета на топли, земјени тонови со цел поттикнување на примамливо и мирно опкружување погодно за креативност и релаксација“, велат од бирото.
„Специфичната вегетација внимателно е избрана и интегрирана во внатрешните простори, избрана не само поради естетска привлечност, туку и поради способноста да се регулира температурата и да се прочисти воздухот во канцелариите“, објаснуваат архитектите.
При изборот на материјали, приоритет е даден на природните и локалните завршни обработки со цел да се задржи чувството на удобност и топлина и да се промовираат регионалните бизниси и занаетчии.
За украсување на ѕидовите користен е малтер со боја на песок, обезбедувајќи пригушена позадина која е разбиена со деликатни акценти како мебел, растенија и атмосфера.
Столаријата првенствено е направена од даб, кој е природно лакиран. Подот е од бели дабови талпи, додека глинените парчиња на занаетчиите од Мичоака, вклучуваат жардинери, светилки и украсни предмети кои се внимателно интегрирани во дизајнот.