Насловна / Вести / Работен простор во банкарските индустрии во Македонија: Фактор за задоволство од работата

Работен простор во банкарските индустрии во Македонија: Фактор за задоволство од работата

Работната средина, како физички, социјален и културен реалитет, во голем број случаи поврзани со работењето, претставува една од најважните средини на работниот човек во однос на дневниот живот. Затоа, канцеларијата како просторно-функционална единица на административниот простор, претставува важен фактор кој го одредува однесувањето на вработените, нивниот здравствен статус, степенот на извршување на работните задачи, мотивацијата, за најпосле да резултира во задоволство од работата и севкупна физичка и психичка благосостојба.IMG_3263

Интересот на организациите за ваков исход треба да е примарен, при што не станува збор само за индивидуална перспектива на просторот на канцеларијата, туку и за организациска и општествена. За организацијата, архитектурата, како целокупност на комплексниот процес на дизајн, претставува буквално платформа за поддршка на работните процеси и медиум за зајакнување на лојалноста кај вработените преку потврдување на нивната идентификација со производот или услугата што тие ја испорачуваат. Организацијата ова го остварува со нудење можност кај вработените да  доживеат соодветно задоволство од работата, што не е директно врзана за финансиските фактори.IMG_3261

Оттука, мотивацијата и задоволството кај вработените, како и нивните детерминанти, претставуваат глобален истражувачки предизвик и во бизнис и во академските заедници ширум развиените економии. Еден дел од академската средина го нагласува паричното наградување како споредна мотивациска алатка, додека другиот дел вели дека тоа има ограничен ефекет врз работата на вработените, и дека добро дизајнираниот работен простор покажува подобри резултати што се однесува на задоволството од работа и работните перформанси на вработените. Меѓутоа, истражувањата спроведени во компаниите од Европската Унија откриваат дека, иако односот помеѓу работниот простор и задоволството од работа е истражуван од аспект на социологија, психологија, менаџмент и медицина, сепак недостасуваат истражувањата од становиште на архитектура и дизајн на ентериери.IMG_3264

А она што е евидентно во нашата стручна и научна средина, е отсуството од истражувања кои ги тангираат физичките карактеристики на работните простори од аспект на архитектура и дизајн на ентериери, и нивното влијание врз однесувањето на вработените. Треба и да се напомене дека, можноста за организација и извршување на научни истражувања од оваа област во нашата средина се извонредно тешки, дури и невозможни. Отвореноста на организациите кон науката е запрепастувачки ниска. Како резултат на несоработката, вработените се обременети со предрасуди од типот дека некој истражува за да на културен или агресивен начин некој биде исфрклен од работа. Ова го напоменуваме заради нашето настојување да се надмине состојбата „фала-богу-имам-работа“, и вработените да разберат дека нивно право е да имаат содветен и кавалитетен работен простор, чии карактеристики детално ги прикажавме во овој труд.IMG_3262

Aко работниот простор правилно се дизајнира, со учество на сите заинтересирани страни: менаџери, социолози, психолози, лекари, архитекти, естетичари и, најважно, самите корисници на просторот – ќе биде простор кој ќе придонесе кон задоволството од работата и ќе создаде одржливи работни места, и од аспект на енергија и ресурси, и од аспект на социјална одржливост. Не случајно, во организациските науки се вели дека човекот е најскапиот елемент на една организација, а после него доаѓа просторот. Во западните економии просторот, а посебно работниот простор, е под постојана опсервација, анализа и евалуација на разни научни области. Резултатите на овие научни и стручни активности се парадигматични за сите заинтересирани страни, а посебно за архитектите и дизајнерите.IMG_3260

Условите под кои се програмираат и дизајнираат административните или општо кажано канцелариските функции, се карактеризираат, главно, со сепарирани експертски области, со независни и автономни барања и потреби, кои на крајот се вообличуваат во простори според финансиските можности на инвеститорите и вештината на дизајнерите. Влијанието што просторот го пренесува врз неговите корисници, исто така останува неистражено од аспект на ентериер и дизајн.

Во овој текст е презентирано научното истражување спроведено во текот на 2013 и 2014 година, од страна на тим составен од истражувачи од Факултетот за архитектура и дизајн и Факултетот за деловна економија и организациски науки на Универзитетот Американ колеџ Скопје од Скопје (Ralev, M., Eremeeva, V., and Krleska, A., 2014). Трудот со наслов „Работниот простор како фактор за задоволство од работата во банкарските индустрии во Mакедонија“ (Workspace as a Factor of Job Satisfaction in the Banking Industries in Macedonia) беше презентиран на 9. Меѓународна конференција за европска интеграција „Европа на утрешнината: Креативна, дигитална, интегрирана“, во организација на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, 2014 (the 2014 Ninth Annual International Conference on European Integration „The Europe of Tomorrow: Creative, Digital, Integrated“, University American College Skopje).IMG_3259

Македонскиот банкарски систем до овој момент – 2014 г. , се состои од 18 приватни банки, девет штедилници и државната Македонска банка за развој. Повеќе од 60% од сите пазарни активности се водени од три големи банки. Друга каркатеристика е дека локалните банки, од неодамна, се во странска сопственост. Како што тоа беше случај и во многу други земји во светот, трендот на глобализација, либерализација и други фактори, ги натераа банките да креираат многу покомпетитивен пристап во нивните секојдневни бизнис активности. Ова вклучува претставување и на новите технологи, какви што се е-банкарството, АТМ- машините и други технолошки промени кои, исто така, резултираа во промени во шемите на типичниот банкарски службеник. Во светлина на горе споменатото, ова истражување има за цел да ја истражи релацијата помеѓу задоволството од работа на вработените во банкарската индустрија и карактеристиките на работниот простор.

Задоволството од работењето е најистражуван предмет во областа на организациското однесување. Зголеменото академско внимание кон задоволството на вработените е резултат на префрлувањето од мануфактурната во сервисна индустрија, во развиените земји во последните 20 години, оттука се случува трансформација на фабричките работници во работници со знаење.

Според  авторот Енди Лејк , задоволството од работата се дефинира како „пријатна емотивна состојба како резултат на проценката на нечија работа како постигнување или олеснување на постигањето на нечии вредности на работата“ (1969). Истражувачите Робинс и Џаџ тврдеа дека задоволството од работата е повеќе став отколку однесување, и тие го дефинираат како „позитивно чувство за нечија работа, што резултира од евалуацијата на карактеристиките на истата“ (Robbins & Judge, 2009). Исто така се претпоставува дека задоволството од работата е многу повеќе под влијание на:

–          Личните особини кои работникот ги носи со себе на работа.

–          Надворешните вредности кои доаѓаат надвор од индивидуалните, физичките и финансиските ресурси и други услови кои влијаат врз средината во која луѓето работат.

–          Внатрешните вредности кои се структурирани од елементи како што се работна одговорност, чувство за постигнувања, потенцијал за раст, самодоверба, работа која предизвикува, чувство за припадност.

–          Работните услови го претставуваат квалитетот на работната средина каде што вработените го поминуваат поголемиот дел од своето време покрај домот. Ова вклучува и други работни состојби кои се користени за да се детерминира задоволството од работа како интеракција помеѓу менаџментот и вработените, снабденост и достапност на работни алатки и други ресурси за да се одвиваат работните задачи, отсуство заради болест, итн.

(Продолжува)

(Фотографиите за темата се од Delight office solution – Скопје)

 

проф. д-р Мишко Ралев,

Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

 

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top