Рускиот претседател Владимир Путин, побара од владата да го забрза развојот на вештачката интелигенција во Русија, со цел да може да се натпреварува со западните земји. Според објавениот официјален документ, Путин побарал до 2030 година да се обезбедат мерки за поддршка на активностите на центрите за истражување во областа на вештачката интелигенција. Трката во развојот на вештачката интелигенција започна во последните години, помеѓу водечките светски технолошки групации како американските Google и Microsoft, и кинескиот интернет гигант Baidu.
Објавата на Кремљ доаѓа во време кога руската држава ја зајакнува својата контрола над дигиталниот сектор и секторот за високи технологии во екот на војната во Украина. Според „патоказот“, Путин препорачал низа мерки кои треба да се спроведат, ккао што е ослободување на сојузни средства за поддршка на истражувањата, особено за алгоритмите за машинско учење, конвенционалните роботи и суперкомпјутерите. Тој исто така сака да се забрза воведувањето ан вештачката интелигенција во јавните претпријатија. Компаниите кои сакаат субвенции од сојузниот буџет, ќе имаат обврска да користат вештачка интелигенција. Конечно, од 2024 година, програмата „Системи за вештачка интелигенција“ ќе биде задолжителен дел од наставата на факултетите, стои во документот. Компанијата „Сбер“ е меѓу лидерите во Русија во нови технологии. Минатиот месец, компанијата го претстави својот робот кој зборува и се придружи на светската трка во областа нa вештачката интелигенција.