Рускиот претседател Владимир Путин му наложил на градоначалникот на Москва да ги сруши сите „хрушчовки“ – петканици од педесеттите години на минатиот век. Како што пренесуваат медиумите, Путин наложил на нивно место да се изградат нови згради. Многу „хрушчовки“ веќе се срушени. Останува да се срушат уште околу 7.500 такви петкатници, што одговара на станбена површина од околу 25 милиони квадратни метри. Во нив живеат околу 1,6 милиони жители на Москва. Сепак, тие нема да останат на улица. Градските власти ветуваат дека тие ќе добијат нови станови во истите делови на градот во кои и досега живееле.
Раселувањето на граѓаните и рушењето на „хрушчовките“ во Москва започнало уште кон крајот на деведесеттите години, а урбанистичкиот развој на руската престолнина интензивно продолжува без оглед на санкциите од Западот и економската криза. Програмата за рушење на овие неквалитетни згради со години се спроведува според еден ист модел – прво во соседството се градат нови згради во кои граѓаните се преселуваат, а потоа „хрушчовките“ се рушат и на нивно место се градат нови згради.
Досега околу 160.000 семејства на овој начин се сместиле во нови станови. „Хрушчовките“ се градени по Втората светска војна, за времето на Никита Хрушчов (по кој и го носат името), со цел да се реши ургентниот проблем со обезбедување живеалишта за милиони луѓе кои во тоа време масовно се населувале во главниот град, но и за обезбедување засебен станбен простор за семејствата што дотогаш живеел во заеднички станови познати како „комуналки“.
Уште во текот на изградбата било предвидено овие згради да се користат само 25 години, и никој не помислувал дека ќе издржат повеќе од половина век. Сите станови се потполно идентични.
Тоа можеби најдобро е опишано во советскиот филм од 1975 „Иронија на судбината“, кој Русите традиционално го гледаат за Нова година. Заплетот на филмот се темели токму на фактот, што во советско време се градени типски блокови – згради во кои распоредот на просториите па дури и мебелот бил сосема ист. Главниот јунак во овој филм по грешка влегува во авион за Ленинград и без да забележи дека не е во Москва туку во друг град, таксистот го носи на идентична адреса, во иста зграда како неговата, и со својот клуч успева да го отвори туѓиот стан со сосема идентичен мебел….Овој филм е култен во Русија поради тоа што многу духовито го отсликува животот во советските блокови.
Стручната јавност смета дека реконструкцијата на овие стари блокови би била само „фрлање пари во ветер“, и потенцираат дека рушењето е единствено решение. Преселувањето на граѓаните во новите станови во најголем дел е финансирано од буџетот на градот, а во еден дел учествуваат и приватните инвеститори.