Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска свечено ја пушти во употреба реконструираната улица „Орце Николов“, на потегот од булеварот „Св. Климент Охридски“ до улицата „Михаил Цоков“.
Вкупната реконструирана површина е 3600 м2, должината е 520 метри и широчина седум метри.
Поставени се нови шахти и поправени се оштетените ивичници. Цели 18 години овој дел на улицата не беше саниран и беше во многу лоша состојба. Граѓаните се жалеа дека ударните дупки го оневозможуваа нормалното одвивање на сообраќајот и беа потенцијална опасност за безбедноста.
И реконструкцијата на „Орце Николов“, како и сите досегашни проекти, во овие две и пол години во општина Центар, по доаѓањето на новото општинско раководство, се без ниту еден денар поддршка од централниот буџет, нешто што не е случај со другите општини.
На свеченоста присуствуаа вработени во општина Центар, дел од советниците и граѓани.
Реконструираната улица „Орце Николов“ е дел од проектот „Работно Лето 2015“ на општина Центар, проект кој се реализира во соработка и договор со граѓаните.
Се реконструираат улици, водоводна мрежа, се прават паркови, се поставува зеленило, се реконструираат училишта и градинки, а она што е особено значајно е што, по цели 40 години во општината, со сопствени средства од општинскиот буџет, се гради новата, современа градинка „Кочо Рацин“.