На Денот на независноста на Република Македонија и официјално беше пуштена во употреба катната гаража „Тодор Александров“. Со нејзината изградба Скопје доби уште над 600 нови паркинг места.
Свечениот чин на нејзиното предавање во употреба на граѓаните го направи премиерот Никола Груевски и истовремено им го честиташе на присутните.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, посочи дека паркингот е висок 23 метри, бруто развиена површина од 29.183 метри квадратни и приземје, седум ката над земја и две нивоа под земја и обезбедува и паркинг за 120 велосипеди.
Со оваа катна гаража ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“, а паркирањето ќе чини 30 денари за час.
Градот Скопје досега изгради две катни гаражи. Од 2013 година во функција е катна гаража „Македонска фаланга“ на улицата „Свети Кирил и Методиј“, спроти дирекцијата на „Макпетрол“. Со неа стопанисува ЈП „Градски паркинг“. Изградбата на овој објект чинеше 743 милиони денари. Гаражниот објект има капацитет од 445 паркинг места, од кои 17 места за лица со посебни потреби.
Втората катна гаража е „Тодор Александров“ на улицата „Даме Груев“. Процените беа дека инвестицијата изнесува 850 милиони денари.
Заедничка карактеристика за двата објекта е тоа што покрај нив, изградена е и нова сообраќајна инфраструктурата за пристап и излегување од катните гаражи.