Уреден е вториот дел од паркот „Македонија“, покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, спроти поранешната фабрика „Алумина“.
– Овој парк е со површина од 32 илјади метри квадратни и претставува продолжение на првиот дел од паркот „Македонија“, – рече денеска скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Поставени се 192 прскалки за наводнување на зеленилото. Во паркот има една трим патека со бела ризла и една асфалтирана патека, 48 клупи за седење, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. Има три летниковци и детски реквизити направени од дрво.
На уредувањето на паркот работеа екипи на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“. За овој проект Град Скопје издвои околу 15 милиони денари.
Трајановски потсети дека пред уредувањето на овој парк, тука имаше стари тополи кои, како што рече, претставувуваа опасност за жителите. Најави дека наскоро ќе бидат засадени од 300 до 400 садници.