Пуштен е во употреба најдолгиот тунел во светот кој е изграден во Швајцарија со цел да овозможи подобра поврзаност помеѓу северниот и јужниот дел на Европа, објавија швајцарските железници.
Тунелот наречен GBT (Gotthard Base Tunnel) помеѓу Цирих и Лугано е долг 57 километри и минува низ планината Свети Готхард во Алпите.
„Божик е!“, рекол Андреас Мејер, директорот на швајцарската железница, откако првиот патнички воз вчера минал низ тунелот. Возот кој од Цирих тргнал во 06.09 часот во Лугано пристигнал во 08.17 часот.
Инаку, овој тунел уште во јуни го отворија швајцарскиот претседател Јохан Шнајдер-Аман, во друштво на францускиот претседател Франсоа Оланд, премиерот на Италија Матео Ренци, германската канцеларка Ангела Меркел и австрискиот канцелар Кристијан Керн.
Изградбата на овој најдолг тунел во светот траеше 17 години, а вкупната цена изнесува речиси 11 милијарди евра.
Новиот коридор Рајна-Алпи го поврзува Северното Море со Средоземното, од пристаништето во Ротердам до пристаништето во Џенова.
Секојдневно низ тунелот ќе минуваат 260 товарни возови со брзина од 100 километри на час и 65 патнички возови кои ќе можат да се движат со брзина до 200 километри на час.
По овој тунел, најдолги во светот се јапонскиот Сеикан (53,9 километри) и тунелот под Ла Манш помеѓу Франција и Велика Британија (50,5 километри).