Насловна / Архитектура / Првото „нискојаглеродно“ Олимписко село – Париз 2024

Првото „нискојаглеродно“ Олимписко село – Париз 2024

И покрај тоа што традицијата на изградба на Олимписки села датира уште од 1924 година, дури од 2003 година започнува сериозно да се анализира прашањето на нивната одржливост. Во пресрет на Летните олимписки игри во Париз 2024 година, проектирањето и изградбата на Олимпиското село повеќе од кога било во фокусот ги става не само заштитата на животната средина, енергетската ефикасност и примената на новите технологии, туку и реновирањето пред изградбата на нови објекти, односно нивното користење по завршувањето на игрите.

717933-paris-jo-2024-jeux-olympiques-hotel-de-ville-visuel-actualite

Токму затоа, многумина се прашуваат – може ли Олимпијатата во 2024 да стане нов модел за олимпиското урбано планирање? Како да се создаде заедничко и позитивно наследство од овие настани за градовите? Дотолку повеќе, ова е од особена важност поради фактот што во последно време не мал број градови се откажуваат од идејата да бидат домаќини на ваков настан, бидејќи трошоците се поголеми од добивката.

Познатиот Stade de France

Познатиот Stade de France

Парижаните следната година по втор пат ќе бидат домаќини на Олимписките игри, точно по 100 години. Денес, главно поради недостатокот од слободен простор за да се сместат потребните објекти, фокусот е насочен кон предградијата. Временскиот распон од еден век, има донесено драматични предизвици пред организаторите, и сосема нов пристап во планирањето. Прво, станува збор за многу поголем финансиски залак, поврзан со професионализацијата на спортот, која денес е на највисоко ниво. Исто така, Олимписките игри се етаблирани како важен политички и идеолошки настан.  Понатаму, климатскиот данок кој го носат Олимписките игри одамна го фрла во сенка самиот настан, со оглед дека бара масивна инфраструктура, бројни меѓународни летови и исклучително многу ресурси.

градилиштето на Олимпиското село

Градилиште на Олимпиското село во Париз

Една таква драматична промена на опкружувањето, неминовно носи и нов пристап во планирањето на спортските арени и на сместувачките капацитети. Во минатото, многу често Олимписките села биле од времен карактер, па не се обрнувало многу внимание при проектирањето и изведбата. Ваквиот концепт веќе не е одржлив, со оглед на императивот за заштеда на ресурси и за намалување на емисиите на стакленички гасови. Затоа новото Олимписко село во Париз мора да му даде посебен социјален и еколошки печат на настанот, и да обезбеди бенефит за пошироката заедница и за регионот во периодот по Олимписките игри.

Изградбата на Олимпиското село - најголемото градилиште

Изградба на Олимпиското село во Париз

Меѓународниот олимписки комитет (IOC) веќе има донесено одлука сите наредни изданија на Олимписките игри да бидат „климатски позитивни“. Според тоа, од 2030 година, секој организациски комитет ќе има задача да го минимизира импактот врз животната средина, да компензира за генерираните емисии на стакленички гасови и да примени одржливи решенија. Но, организаторите на Париз 2024 решија да дејствуваат и пред овој рок, да понудат нов модел и да ги инспирираат следните организатори.

p1

Олимпиското и Параолимпиското село – Париз 2024 

Проектната куќа SOLIDEO, државно тело формирано во 2017 година, има задача да ги изведе сите инфраструктурни работи поврзани со Олимписките игри, и се наоѓа во близина на градилиштето на Олимпиското село. Тоа е сместено во предградието Сен Дени во Париз. Ова во моментот најголемо градилиште во Франција, кое брои 9.000 работници, вклучувајќи 1.400 ѕидари, 780 столари и 600 молери. Работите започнаа во почетокот на 2021 година, по неколку одложувања поради короната, а се очекува Олимпиското село да му биде предадено на градот во почетокот на 2024 година. Вкупниот буџет е една милијарда и 386 милиони евра.

p2

Олимпиското и Параолимпиското село – Париз 2024 

Јаглеродниот отпечаток (carbon footprint) на игрите се планира да биде преполовен во однос на претходните од Токио. Париз во старт ги ограничува емисиите од градежните активности, бидејќи во 95 % ја користи својата постоечка инфраструктура во функција на игрите. Многу од локациите се избрани поради добрите врски со јавниот транспорт, што исто така придонесува за редукција на емисиите. Пристапот во однос на јаглеродниот отпечаток веќе е видлив и во проектирањето и во изведбата на идниот Центар за водени спортови (Aquatic Centre), кој треба да биде модел во однос на енергетските перформанси. Имено, оваа локација ќе стане една од најголемите урбани соларни фарми во Франција. Целата конструкција и ентериерот на Aquatic Centre се изработени од одржливи материјали, како на пример одржливо дрво и рециклирана пластика.

Новиот Центар за водени спортови

Новиот центар за водени спортови Aquatic Centre 

Тоа ќе биде првиот спортски објект за едни Олимписки игри чии седишта во целост ќе бидат изработени од рециклирани пластични капачиња. Проектот истовремено дава одговор на двојниот еколошки и социјален предизвик, со оглед дека овие седишта ќе бидат произведени во Франција од локална компанија, и од пластичен отпад собран во партнерство со локални организации. Арената пак во Porte de la Chapelle, кварт на мултикултурната работничка класа, ќе биде домаќин на натпреварите по бадминтон и ритмичка гимнастика. По завршувањето на игрите, ќе биде на располагање на локалните клубови и училишта. Како резултат на партнерството со познатиот бренд на спортска опрема го добива името Adidas Arena. Ќе има капацитет од 8.000 седишта.

Новата Adidas Arena

Adidas Arena

Се разбира Париз веќе има доста добра спортска инфраструктура, па за голем број натпреварувања воопшто нема да се градат нови терени. Терените на турнирот Ролан Гарос се таков пример. Таму ќе се одржуваат тениските мечеви. Но, и досега спортските арени продолжувале да живеат и по игрите за разлика од Олимписките села. Се разбира тоа нема да биде случај и со Олимпиското село за Париз 2024. По завршувањето на игрите, Олимпиското село, кое ќе има капацитет за сместување на 15.000 луѓе, ќе биде трансформирано во комплетен урбан кварт. Станува збор за простор од 50 хектари, со нула емисии, за резиденцијална и за комерцијална намена. Ќе има вкупно 11.000 станови, 120.000m2 канцеларии, 3.200m2 продавници, парк на површина од 3 хектари и сл. Дел од објектите ќе бидат демонтажни и ќе можат да се релоцираат во други населби. Енергетската ефикасност е еден од клучните елементи. Објектите нема да имаат класични системи за климатизација, туку ќе се ладат со помош на подземна вода, која гарантирано ќе обезбеди од 23 до максимални 26 степени Целзиусови во просториите. Ова решение е применето и во дворецот Лувр, во екот на топлотните бранови минатото лето. За да не се надмине оваа температура дури и во случај на екстремни топлотни бранови, се внимава на секој детал – од бројот, површината и ориентацијата на застаклените површини, видот на применетите материјали, нивната термална маса и термоизолациони својства, до засенчувањата на објектите. Електричната енергија ќе се обезбедува главно од обновливи извори.

п5

Олимпиското и Параолимпиското село – Париз 2024 

Со еден збор, сите проектантски и изведувачки работи се вршат на начин кој еден ден ќе озбебеди наследство за градот и додадена вредност, односно целосна интеграција во потребите и во функционалноста на оваа метропола. Затоа, во Франција препознавањто на овој концепт води до креирање на нов термин, т.н. олимписки урбанизам. Дури и во текот на одржувањето на игрите, одржливоста е вткаена во секој од сегментите, незаобиколувајќи го и менито каде ќе се најдат оброци со помалку месо, а со цел да се намали емисијата на метан кој е исто така стакленички гас и кој во големи количини се генерира при одгледувањето стока. Уште еден куриозитет поврзан со ЛОИ 2024 се однесува на родовата еднаквост. За прв пат во историјата, на овие Олимписки игри ќе има подеднаков број мажи и жени спортисти.

Сепак одредени настани фрлаат сенка на претходно опишаната извонредност. Со почетокот на војната во Украина се појавија проблеми во испораките на одредени материјали, особено на челик, па сега тоа се компензира со испораки од Полска и од Југоисточна Европа. Организаторите уверуваат дека ова нема да се одрази врз планираните рокови за изведба. Од друга страна пак, и социјалната одговорност кон заедницата со која се гордеат организаторите, не може да биде прифатлива и уважена без почитувањето на човековите и на работничките права, за што веќе има одредени информации. Имено, веќе се поставуваат паралели со Катар во однос на третманот на работниците, откако некои работници вработени на градилиштата без документи поднеле жалби. Одговорната компанија вели дека „ги зајакнува своите активности во спречување на нелегална работа“. Тие признаваат дека има одредени слабости но тврдат дека сепак се држат до својата цел да имаат „примерни градилишта“.

p2

Олимпиското и Параолимпиското село – Париз 2024 

Дали изградбата на „нискојаглеродно“ и енергетски ефикасно Олимписко село, како и одржливиста на спортските арени, ќе биде доволно за да се обезбеди драматично пониско влијание врз животната средина на овој настан како што се тврди? Имајќи ја предвид масовноста во однос на учеството на спортисти и спортски работници, како и бројните меѓународни летови кои ќе ги користат навивачите и љубителите на спортот од целиот свет, јасно е дека одржливоста не може да има само локална димензија. Скептиците тврдат дека Олимписките игри веќе одамна се настан кој има исклучително негативно влијание врз животната средина и дека организаторите имаат ограничена моќ да влијаат на тоа.

Испрати коментар

Scroll To Top