Компанијата Curl la Tourelle Head Architecture од Лондон, го претстави проектот за најзелената зграда во Лондон – училиште кое ќе ја користи енергијата од плимата и осеката, а локацијата е на самиот брег на Темза. Петкатницата во целост ќе се снабдува со електрична енергија од низата турбини изградени под пловниот пат.
Според предлог проектот, локацијата на училиштето е клучна за користењето на енергијата од плимата и осеката. Во моментот, предложената локација се користи како собирен центар за градскиот смет, од каде бродовите го собираат отпадот и го исфрлаат на депонија надвор од градот. Но, оваа локација коинцидира со најтесниот дел на Темза, односно точката каде брзината на брановите на плимата е највисока.
Проектот што ќе биде изграден во согласност со „Passivhaus“ стандардот и „BREEAM“ методата, повикува на зачувување на природата која ја опкружува зградата, чистиот воздух и создавање на пријатна микроклима. Во училиштето ќе бидат инсталирани бројни системи за следење на нивото на јаглерод диоксид.
Освен тоа, различните одржливи материјали кои ќе се користат во изградбата треба да послужат како пример за идни архитектонски концепти. Иако предлогот е во рана фаза, архитектите уверуваат дека тоа ќе биде „јаглеродно неутрален“ објект, предводник на иднината на одржливата архитектура во градот.