Насловна / Вести / Прво изградба на гасовод, па потоа пошумување на Водно

Прво изградба на гасовод, па потоа пошумување на Водно

Околу 43 милиони денари ќе бидат вложени во повторното пошумување на Водно откако ќе заврши изградбата на гасоводот. Ова го најавија надлежните институции и ветија дека просторот каде ќе поминува трасата ќе се врати во првичната состојба.
Не смее Скопје да го спречи гасифицирањето на другите градови во земјава, но Скопје нема да дозволи да се уништи Водно со изградбата на гасоводот, вели градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

vodno2
Шилегов додава дека Градот и Владата ја намалиле трасата на гасоводот за четири километри, а нејзината ширина е намалена од 25 на 10 метри и дополнително ќе се заштити Водно со пошумување.
“Владата и МЕР обезбедија 43 милиони денари за пошумување на Водно, ќе се пошумуваат и соголените падини на Скопска Црна Гора, имаме владина поддршка за зелени коридори долж реките Лепенец и Серава, еден милион денари за градско зеленило, а ќе се носи и закон за Парк-шумата Водно и кањонот Матка. Ова е првпат некој да чепка на Водно и истовремено да обезбеди средства за негова ревитализација“, вели Шилегов.

vodno3
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, пак вели дека гасификацијата не значи дека Водно ќе биде дадено, туку ќе се подобри животната средина во Скопје со намалување за 23 отсто емисијата на јаглерод.
“Доколку ништо не промениме во Скопје честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 во 2023 година ќе се зголемат за 31 отсто во однос на 2015, а ако се преземе нешто над 70 отсто ќе се намали емитувањето на овие честички“, нагласува Макрадули.
Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи вели дека штетата ќе биде сведена на минимум и потоа со ревитализацијата на просторот нема ни да се забележи дека тука имало градежни активности.
“Во моментов се градат сите три делници од гасоводот и тоа Штип-Неготино ќе биде завршена до крајот на годината, а на Неготино-Битола и на Скопје-Гостивар преку Тетово се реализирани 25 отсто од градежните активности и ќе завршат до втората половина на 2020 година. Низ Водно треба да помине подземна гасоводна цевка во должина од девет километри, чија ширина успеавме да ја намалиме од 25 на 10 метри. На Водно ќе се сечат помалку од два хектари шума, што е 0,07 отсто од вкупната дрвна маса на Водно, односно 1.400 кубни метри дрво. Теренот потоа ќе се врати во првичната состојба и по неколку месеци, нема ни да се познава дека тука поминува гасовод. Во рекултивација и во пошумување на просторот ќе бидат вложени 42,9 милиони денари“, додава Реџепи.

водно
Тој појасни и зошто е невозможно да се прифати барањето на невладините организации за преселба на трасата на Скопска Црна Гора.
„Тоа е невозможно во оваа фаза. Тоа решение не би било добро од еколошки аспект. Таму би се сечеле дури и повеќе дрвја и гасоводот би поминувал преку ерозивен терен и низ густо населени места и би се вкрстувал со главниот извор на водоснабдување на Скопје. Тоа би значело и одложување на гасификацијата за пет години“, објаснува директорот на МЕР.
Претставници на Владата велат дека сите промени што се направени на трасата на гасоводот на Водно се направени во соработка со граѓанскиот сектор.
Трасата за изградба на гасоводот преку Водно е проектирана во 2015 година, а дозволата за градба е дадена во 2016 година.

водно1

Испрати коментар

Scroll To Top