Првите ретровируси, вклучително и „предците“ на вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ), се појавиле на Земјата пред околу 500 милиони години, или околу 200 до 300 милиони години порано отколку што досега се сметаше, наведуваат научниците во студијата објавена во списанието Nature Communications.
„Откривме дека ретровирусите барем 450 милиони години, ако не и повеќе, суштествуваат на Земјата, и тие би требало да се појават заедно со своите ‘рбетни жртви во палеозојската ера или дури и порано. Покрај тоа, тие продреле во геномите на ‘рбетниците уште пред нашите предци да го колонизираат копното. Вирусите биле нивни придружници и во времето на преминот на живеењето на копното, и ги придружувале во текот на целата историја на животот на планетава“, вели Арис Куцуракис, од британскиот универзитет Оксфорд.
Ретровирусите претставуваат посебен сој вируси кои се способни да навлезат во живите клетки, востановувајќи ја својата ДНК, користејќи го шаблонот на РНК, и наметнувајќи го својот генетски код во геномот на жртвата. Ретровирусите, на кои им припаѓа и ХИВ, влијаат главно врз ‘рбетниците и траги од нивното постоење може да се најде во ДНК на луѓето и другите животни во вид на т.н. транспозони – мобилни сегменти од ДНК, способни за самореплицирање и движење во геномот.
Во некои случаи, инфекцијата со ретровируси доведува до драстични промени во начинот на живеењето и функционирањето на организмот негов носител. На пример, сега научниците сметаат дека цицачите минале на внатрешно растење на младенчињата во утробата благодарејќи на инфекција со ретровирусот кај некој од нашите предци, кој се измешал и случајно ги „вклучил“ гените поврзани со феталниот развој. Некои видови оси и пеперутки можеле да го „скротат“ ретровирусот и да се научат да го користат како „биолошко оружје“.
Денес, повеќето научници сметаат дека ретровирусите се појавиле релативно неодамна во споредба со создавањето на условите за постоење живот на Земјата, пред околу 250 до 300 милиони години, кога ‘рбетниците само што започнале да го освојуваат копното. Оттаму, биолозите претпоставуваат дека ретровирусите првично се појавиле на копното, а дури потоа навлегле во другите сфери, вклучително и океанот.
Кацуракис и неговите колеги, пак, откриле дека ретровирусите потекнуваат од водите на океанот и оти тие всушност може да се многу постари, проучувајќи ги т.н. „пенести вируси“ (Spumavirus) кои се прастари ретровируси, коишто се присутни и денес во организмите на речиси сите мајмуни во Африка и кај многу луѓе. Тие се појавиле многу одамна, пред околу 30 милиони години, и имаат необична форма, слична на пена, и уникатен механизам на размножување.
Трагите од таквите вируси, како што вели Кацуракис, се присутни во ДНК на речиси сите видови ‘рбетници, што му овозможило на неговиот тим да ја пресмета брзината на еволуцијата на податоците на ретровирусите и да определи кога започнал нивниот развој. За да го сторат тоа, научниците ја анализирале структурата на „парченца“ од пенестите вируси во ДНК на разни видови животни, ги споредиле едни со други, и определиле какви мутации се појавилe кај нив во текот на еволуцијата на нивните жртви.
Споредувањето покажало дека ретровирусите се неочекувано древна група паразити, коишто се појавиле, според прoцените на Куцуракис и неговите колеги, пред околу 500 милиони година, фактички истовремено со појавувањето на првите ‘рбетници, па дури и пред тоа.
Ваквите сознанија се многу важни поради тоа што таквата старост на ретровирусите зборува за тоа дека тие се појавиле уште пред развојот на т.н. адаптивeн имунитет, со кој се одликуваат сите ‘рбетници, овозможувајќи им на луѓето, цицачите, влекачите и рибите да преживеат при појава на нови претходно непознати вируси и микроби. Како што сметаат авторите на студијата, појавата на ретровирусите и можната борба на нашите предци со „предците на ХИВ“ можела да служи како причина за појавата на тој дел од имунолошкиот систем.