Zaha Hadid Architects неодамна го претставија проектот за Cityzen Tower, кула од 42 ката која ќе стане ново обележје во Тбилиси, главниот и најголеми град во Грузија.
Сместена во областа Сабуртало, оваа импресивна висококатница е дел од развојот на проектот Cityzen, нов градски центар кој интегрира станбени, комерцијални и јавни простори.
Проектирана како вертикално проширување на новиот Централ парк во Тбилиси, кулата ќе ги спои урбаниот живот и природата преку каскадни тераси и зелени површини.
Cityzen Tower ќе биде изградена на местото на поранешниот воен команден центар на советските сили во Централен и Јужен Кавказ.
Органскиот облик на Cityzen Tower е инспириран од брановидните ридови и кривулестите речни долини кои можат да се видат околу Тбилиси, објаснија од Zaha Hadid Architects.
Во основата на кулата, чија точна висина сè уште не е објавена, каскадните тераси се поврзуваат со околината, обезбедувајќи на овој начин организирање на места за седење на отворено, кафулиња и заеднички простори. Како што се издигнува зградата, овие тераси се трансформираат во канцеларии, како и балкони на станови, нудејќи им на сите панорамски поглед на градот.
Завршување во 2028 година
Кулата е проектрана да задоволи LEED Gold сертификатот и со своите 57.000 квадратни метри и дава приоритет на одржливоста со користење на природна вентилација, засенчување од сонце и енергетски ефикасни материјали. Системот вклучува и собирање на дождовница, употреба на локални материјали и вегетација која бара минимално наводнување.
Според планот, Cityzen Tower треба да биде завршена во 2028 година, кога ќе стане првиот објект на бирото Zaha Hadid Architects во Грузија. Проектот Cityzen, развиен од компанијата IG Development Georgia, има за цел да го редефинира урбаното живеење во Тбилиси, нудејќи модерно, меѓусебно поврзано соседство фокусирано на заедницата, природата и иновативното проектирање.