Местото Jukkasjärvi, 200 километри северно од Арктичкиот круг, со нешто повеќе од 500 жители, со децении е позната туристичка дестинација, благодарение на атрактивниот хотел направен од снег и мраз, од вода од блиската река Торна.
Ледениот хотел се состои од зграда која е отворена во текот на целата година, Icehotel 365 и сезонски дел, кој се отвора во декември се до првите денови на пролетта. Покрај ледените градби, хотелот има и класична, загреана зграда со соби и други хотелски содржини, па сместувањето во Icehotel го комбинира престојот во овие два простора.
Icehotel 365 е отворен во 2016 година, а го проектирал шведскиот архитект Ханс Еек. На површина од 2100 квадратни метри сместени се 20 апартмани, Ice бар и ледена галерија. Со оглед на тоа што целиот е направен од мраз, во него се одржува константна температура од -5 степени Целзиусови, што е помогнато и од соларни панели.
Icehotel годишно го посетуваат околу 70.000 луѓе. Повеќето од нив никогаш не преноќиле на температури под нулата, па дури ни во вреќа за спиење. За оние кои ќе се одлучат за оваа авантура, хотелот обезбедува специјални вреќи за спиење погодни и за до -25 степени Целзиусови, што е повеќе од доволно за удобен престој.
Во ледениот хотел, кој работи само во текот на зимата, нема врати меѓу просториите, па наутро персоналот на хотелот ги отвора преградните завеси и ги буди гостите со топол сок од брусница. При одјавување од ледениот хотел, односно преоѓање во топлиот дел, гостите добиваат диплома со податоци со датумот на ноќевањето и температурите кои во тоа време биле внатре и надвор од хотелот.
За оние кои ќе одлучат да се венчаат на ова неверојатно место, предвидена е ледена сала за церемонијата, од декември до април, кога мразот ќе се стопи. Различна секоја година, оваа сала ја дизајнираат избрани уметници од различни делови на светот.
Капацитетот на салата за свечености е 35-40 гости, а за нивниот престој и прослава тука се 35 рачно изработени ледени апартмани, како и спектакуларна главна сала со лустери и ледени столбови.
Icehotel и ледената капелата, која во таа форма постои само неколку месеци, гарантираат единствена атмосфера и неповторливи фотографии за младенците.
За престој во хотелот неопходна е добра подготовка, пред се важен е изборот на облека, па од хотелот советуваат таа да биде слоевита, термичка, функционална гардероба, најдобро волнена, задолжително со чизми, капи и ракавици. Клучот се тенки слоеви кои овозможуваат добра вентилација и одржување телесната топлина, направени од материјали кои дишат и го спречуваат потењето. Иако внатрешната температура се одржува на -5 степени Целзиусови, надворешната може да падне и до -40, па гостите ќе добијат и дополнителни совети за облека и однесување доколку планираат активности на отворено.
До овој мал град на северот на Шведска може да се стигне со авион од Стокхолм, летот трае околу 90 минути или со воз за 12 часа.
Основниот пакет хотелско сместување, без превоз, вклучува две ноќевања со појадок, едно во ладна и едно во топла соба, а цената започнува од 430 евра по лице.
Можно е да се дојде и само во дневна обиколка на хотелот, скулптурите од мраз и посета на Ice барот, а таква карта за возрасни, во зимската сезона, чини околу 30 евра.