Сведоци сме на голем раст во областа на користење на сончевата енергија. Инвестирањето и инсталирањето на фотоволтаичните модули е сериозен бизнис, но веројатно еден од најсериозните проблеми е оној поврзан со чистењето на панелите. Прашината и другите нечистотии значително ја намалуваат нивната ефикасност, а проблемот е дури поизразен поради фактот што најголем дел од овие постројки се поставени во области каде природно има недостаток од вода.
За таа цел, израелската компанија Ecoppia направила робот кој може секојдневно да ги чисти панелите и на тој начин да им ја зголеми ефикасноста за 35%. Во соларниот парк Kibbutz Ketura во Израел се поставени 100 вакви роботи. Чистењето се врши во текот на ноќта со крпи од микровлакна без ниту една капка вода. Еден робот може да исчисти површина од скоро 10 метри квадратни за една минута. Пред инсталирањето на овие роботи соларниот парк се чистел само девет пати годишно, а чистењето траело и по пет дена.