Насловна / Архитектура / Првата жена архитект во Македонија – по трагите на една загатка

Првата жена архитект во Македонија – по трагите на една загатка

Професорот Георги Константиновски во првиот том на неговата трилогија за „Градителите на Македонија“ (стр. 62, Табернакул: Скопје, 2001) ни оставил своевидна загатака за првата жена архитект во Македонија вклучена во неговaта книга – Елена Бокус.  Кусиот прилог на половина страница укажува на тоа дека таа најверојатно била родена околу 1893 година и дека живеела и работела во Скопје каде проектирала индивидуални семејни куќи, како и дека од неа останал само проектот за индивидуална семејна куќа (П+1) на Јован Ташковиќ на улица „Хајдук Вељко“ („Егејска“) во Скопје од 1923 година.

ПОВЕЌЕГОДИШНО ИСТРАЖУВАЊЕ

Оваа кратка информација за првата наведена жена архитект во книгата на професорот Константиновски со текот на времето се трансформираше во мое повеќегодишно истражување и обиди да се отријат колку е можно повеќе информации за животот и делото на архитект Елена Бокус. Земајќи ги предвид ограничените достапни информации за архитект Бокус обидите да се дознае повеќе за неа и за нејзиното дело беа изложени на сериозни предизвици.

Основните истражувањата во доменот на објавени научни или стручни трудови преку низа достапни бази на податоци, како и низ каталозите на националните и универзитетските библиотеки од Северна Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, на научноистражувачките социјални мрежи како Академија и Рисерч гејт и на интернет, освен оние претходно објавени во книгата на професор Константиновски идентификуваа само еден труд од д-р Екатерина Намичевска-Тодоровска и од д-р Петар Намичев каде архитект Елена Бокус е наведена како руска архитектка којашто најверојатно дипломирала во Санкт Петербург или во Москва и која работела во Скопје во периодот помеѓу двете светски војни, но изворот на информацијата не е цитиран.  Оттука напорите беа фокусирани на изнаоѓање на тоа каде Елена Бокус студирала и дипломирала.

За да таа се јави како архитект проектант според тогашните прописи таа во моментот на проектирање на објектот во Скопје во 1922 или 1923 година веќе би требало да има положено државен испит, (или исклучително ретко) да биде ослободена од истиот. Со оглед на должината на задолжителната пракса пред полагање на државниот испит таа би требало да биде дипломирана најдоцна околу 1919 или 1920 година.  Ова значи дека таа би требало да студира во периодот на Првата светска војна (1914 – 1918), што не секогаш било можно, особено не во земјите на чиешто тло се одвивале воените дејствија.  Како резултат на ова постои можност или таа порано да била дипломирала или пак да дипломирала надвор од територијата на бивша Југославија.

цртеж од книгата на проф. Константиновски; индивидуална семејна куќа (П+1) на Јован Ташковиќ,  Скопје 1923 година

Приближната најдоцна година на дипломирање исто така ги намалува можностите каде таа можела да студира архитектура на тлото на бивша Југославија, со оглед дека техничките факултети при универзитетите во Загреб и во Љубљана биле основани дури во 1919 година. Најстариот техничкиот факултет, оној при Универзитетот во Белград, почнал да прима жени студенти во 1896 година  од кои прва била Јелисавета Начиќ, но Елена Бокус не се наоѓа на листата на 144 жени студенти коишто се запишале да студираат архитектура во периодот од 1896 до 1940 година според истражувањето на д-р Дивна Ѓуриќ-Замоло. Дополнително, Елена Бокус не се наоѓа во именикот на инженери и архитекти чиишто дипломи од странски универзитети биле признати од страна на Техничкиот факултет при Универзитетот во Белград во периодот од 1919 до 1938 година.

РАБОТИТЕ ДОПОЛНИТЕЛНО СЕ ИСКОМПЛИЦИРАНИ

Се разбира исклучително тешко е да се идентификуваат сите архитектонски факултети во Европа коишто запишувале жени на студиите на архитектура на почетокот на 20-тиот век, на секој од нив да се провери дали таа била нивен дипломец. Работите дополнително се искомплицирани со оглед дека не се знае дали Бокус било нејзиното моминско или стекнато со стапување во брак презиме.

Со оглед на невообичаеното презиме Бокус, беа направени обиди да се види дали има и други лица со исто презиме на територијата на поранешна Југославија, преку консултирање на телефонските именици на земјите коишто порано беа дел од Југославија и преку преглед на имениците на презимиња во земјите од поранешната држава, но ниту едно од двете истражувања не вроди со плод.  Ова укажува на можноста дека Елена Бокус е или родена надвор од територијата или пак дека се омажила со лице кое е по потекло надвор од територијата на поранешна Југославија.

зградата на стариот театар во Скопје во меѓувоениот период

Ова го насочи моето истражувањето кон истражување во доменот на генеалогија и на историските гробови коишто укажаа присуство на лица со презимето Бокус главно на територијата на денешна Полска, Унгарија и Русија, и помалку во други земји, но не беа во можност да го лоцираат гробот на Елена Бокус.  Ова овозможи да се направат обиди, на најстарите архитектонски факултети во овие земји да се види дали Елена Бокус била нивен студент или дипломец. Во овие обиди беа консултирани Универзитетот за технички науки и економија во Будимпешта, Варшавскиот универзитет за технички науки, Националниот политехнички институт во Лавов, Државната академија – Московска школа за архитектура, Руската академија за уметности во Москва, Иља Репин – државниот академски институт за сликарство, скулптура и архитектура во Санкт Петербург, Петар Големиот – Политехнички универзитет во Санкт Петербург, Централниот државен архив во Санкт Петербург, Николас Роерич уметничката школа и Државниот универзитет за архитектура и градежништво во Санкт Петербург. Од институциите коишто одговорија, беше потврдено дека немаат податоци дека Елена Бокус била нивен студент или пак дека дипломирала.

ОБИД ДА СЕ ОТКРИЕ ПОВЕЌЕ ЗА ПРЕЗИМЕТО БОКУС

Во обидите да се открие повеќе за презимето Бокус беа контактирани професорка од Полска и професорка од САД со истото презиме, коишто за жал не одговорија на дописот.  Со оглед дека лице со презиме Бокус од Полска се спомнува помеѓу лицата коишто го преживеале холокаустот, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница во Република Македонија беа контактирани, но според првите не станува збор за еврејско презиме. Овој дел од истражувањето беше насочен да се исклучи можноста архитект Елена Бокус да била била жртва на холокаустот доколку била од еврејско потекло со коешто би се објаснило зошто по 1923 година не се знае ништо за неа.

Со оглед на недостаток на резултати преку примарното истражување, секундарното беше фокусирано на тоа да се исклучи можноста за погрешна идентификација на нејзиното име и/или презиме.

За разлика од повеќето други градители прикажани во книгата на професорот Константиновски, изворот на информација за единствениот проект на архитект Елена Бокус не е наведен, а цртежот е современ, како резултат на што, не може да се види оригиналниот и од истиот да се види печатот и потписот на архитектот. Обидите да се дојде до оригиналниот проект на архитектот Елена Бокус во Архивот на град Скопје, посочија дека нема проект од овој архитект во нивниот архивски фонд.  Дополнително, на остатоците од „Егејска улица“ во Скопје, не е видлив оригиналниот објект, но поголемиот дел од објектите на улицата или биле загубени во земјотресот од 1963 година или пак во последователната обнова.

Зградата на Универзитетот во Скопје (објектот лево со купола) во меѓувоениот период

ВРЕМЕНСКАТА ЛИНИЈА НА ЈЕЛЕНА БОКУР СЕ СОВПАЃА СО ОНАА НА ЕЛЕНА БОКУС

Како резултат на ова, истражувањето се наврати на дипломираните жени архитекти на Техничкиот факултет при Универзитетот во Белград, а со цел да се идентификуваат жени архитекти со слично име или презиме кои таму дипломирале во периодот од 1900 до 1922 година, при што беа идентификувани само две: Јелена Томиќ (1889-1961) која дипломирала во 1913 година и Јелена Големовиќ (1890-1973) којашто дипломирала во 1914 година.  Според расположливите информации обете престојувале на територијата на денешна Северна Македонија, при што за Јелена Томиќ се знае дека работела во Скопје во Министерството за градежништво во перидот од 1915 до 1923 година, додека Јелена Големовиќ го родила својот син во Охрид во 1915 година, за потоа да се евакуира преку Албанија и Грција на Корзика. Архитект Јелена Големовиќ била сопруга на архитектот Милан Миниќ и мајка на професорот архитект Оливер Миниќ.  За разлика од неа Јелена Томиќ во Скопје се верила за нејзиниот сопруг, д-р Игњат Бокур кој бил едукатор во школи во Куманово и Скопје.

Земајќи го предвид презимето на нејзиниот сопруг Јелена Томиќ станала или Јелена Томиќ-Бокур или Јелена Бокур, при што Јелена може да се смета како српска верзија на македонското име Елена, а разликата во презимето е само во последната буква Бокур наместо Бокус. Како резултат на ова, нечитлив потпис во оригиналниот проект лесно можел да доведе до ситуација истиот погрешно да биде прочитан.

Зградата на Универзитетот (Универзитетската библиотека) во Скопје пред земјотресот

За Јелена Томиќ-Бокур се знае дека дипломирала во 1913 година во Белград и дека работела во Министерството за градежништво во Скопје во периодот од 1915 до 1923 година, како и дека во 1919 година за време на нејзината работа во Скопје станала првата жена архитект која била назначена на своето работно место со кралски указ/декрет во тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Во 1923 година таа била промовирана и преместена на работното место шеф на Техничкиот оддел во Вршац, Војводина, Србија, каде останала да своето пензионирање. Според расположливите информации, тогашните прописи дозволувале архитектите и инженерите во државна служба да работат и приватно во своето слободно време.  Како резултат на ова може да се смета дека временската линија на Јелена Бокур се совпаѓа со онаа на Елена Бокус, со оглед дека Јелена Томиќ станала Јелена Бокур за време на својот престој во Скопје кога стапила во брак со д-р Игњат Бокур. Исто така, расположливите информации укажуваат дека таа најверојатно го положила државниот испит во 1919 година. Со оглед дека таа до 1919 година работела како соработник, таа не можела самостојно да проектира, а тоа било можно по 1919 година.  Фокусот на нејзината работа во рамките на Министерството за градежништво веројатно не ѝ оставал премногу слободно време за да се занимава и приватно со проектирање, така што не е чудо дека се знае само за еден нејзин проект во Скопје. Проектот  за индивидуална семејна куќа (П+1) на Јован Ташковиќ на улица „Хајдук Вељко“ („Егејска“) во Скопје од 1923 година од Елена Бокус, се совпаѓа со годината кога Јелена Бокур преминала со работа од Скопје во Вршац.

станбената зграда на ул. „Соња Маринковиќ“ во Нови Сад од 1935 година;

фото од 2004: д-р Никола Јојиќ

НАЈВЕРОЈАТНО ЕЛЕНА БОКУС Е ВСУШНОСТ ЈЕЛЕНА БОКУР

Оттука, следејќи ги зборовите на Сер Артур Конан Дојл, изречени преку неговиот измислен карактер Шерлок Холмс: „Кога ќе го елиминираш невозможното, што и да остане, колку и да е неверојатно, мора да биде вистина“, најверојатно Елена Бокус е всушност Јелена Бокур.

Од горенаведеното, освен доколку не се дојде до дополнителни информации во иднина, се укажува на тоа дека е решена загатката на архитект Елена Бокус, и дека всушност се работи за Јелена Томиќ-Бокур.

За архитект Јелена Томиќ-Бокур се знае дека во Скопје работела на изведбата на делови од Театарот и од Универзитетот во Скопје, како и на проектирање и изведба на црквата „Св. Петка“ во Црниче, а во Војводина на станбени, образовни, здравствени и станбени објекти од кои веројатно најпознат е станбената зграда на улицата „Соња Маринковиќ“ број 3-5  во Нови Сад од 1935 година.

Овој текст е скратена верзија од текстот објавен во „Југоисточниот европски журнал за архитектура и дизајн“ кој е достапен тука.  Архитект Томиќ-Бокур накратко е прикажана во текстот објавен во Порта 3 и во иницијативата во нејзина чест да се воведе ден на жените архитекти и инженери во Северна Македонија.

Испрати коментар

Scroll To Top