Првата централа во Македонија која ќе користи биогас се гради во селото Требош како заедничка инвестиција на компаниите „Везе шари“ и „Лекер“. Инвестицијата е со вредност од околу шест милиони евра, и според најавите на сопствениците, централата треба да биде готова до септември.
„Во моментот се ангажирани околу 100 лица и со нејзиното пуштање во функција ќе бидат ангажирани 30 нови работници“, рече министерот за економија, Ваљон Сараќини, при посетата на компанијата. Оваа електроцентрала ќе биде прв ваков проект не само во Македонија, туку и пошироко.
Сопственикот на „Везе шари“, Арбен Абдурахмани, рече дека централата ќе има двојна функција, бидејќи, од една страна, ќе овозможи природниот отпад од нивната фарма за кокошки да се преработи во централата и со тоа да се придонесе кон подобро зачувување на природната средина, а од друга страна, да се произведе електрична енергија за сопствени потреби.