Во Карпош 4 почнаа активностите за изградба на првата современа фитнес-зона на отворено во општината. Во соработка со Агенцијата за млади и спорт, ќе се добие фитнес-зона опремена со 8 справи за вежбање, од кои една справа за лицата со посебни потреби.
Во оваа пригода градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, посочи дека фитнес-зоната е на локација што е лесно достапна за граѓаните и истата ќе може да се користи од граѓани на различна старосна возраст.
– Поентата е во повеќе населби низ Карпош да создадеме вакви зони за спорт и рекреација. Конкретно, покрај оваа фитнес-зона, ќе го уредиме и околното зеленило со цел да добиеме еден убав појас за спорт и рекреација на граѓаните. Почнуваме во Карпош 4, но намерата е да продолжиме со вакви проекти и во другите населби. Овие маалски, спортски катчиња придонесуваат да се развијат здравите навики кај граѓаните, да се рекреираат и да имаат физичка активност, рече Богоев.
Станува збор за инвестиција на Агенцијата за млади и спорт (АМС), при што фитнес-зоната ќе чини два милиони денари, а рокот за изведба е три месеци.