Еден од најдобрите адвокати во светот, во областа на градежништвото, Mark Harris, од адвокатското друштво на годината 2016 Pinsent Masons од Лондон, на 19 октомври 2016 година ќе дојде во Скопје.
Нема потреба од возбуда, тој нема никого да брани, ниту пак да застапува на суд, туку заедно со своите колеги адвокати Georgina Reynard и Charles Blamire-Brown ќе ја одржи првата обука за FIDIC договори во Македонија.
Оваа обука ја организира Градежното друштво Гранит АД Скопје на 20 октомври 2016 година во М6 Едукативниот Центар.
FIDIC е меѓународна Федерација на инженери консултанти, основана во Женева во 1913 година. Во моментов претставува 97 земји членки, 60.000 градежни компании и над 1.500.000 професионалци.
FIDIC е „одговорен“ за производство на најупотребуваните стандардни форми на договори за интернационални градежни проекти во светот.
Во овој момент во светот најмногу се користат FIDIC договорите од изданието во 1999 година. Сега, FIDIC подготвува нови измени на условите на самите договори. Учесниците на оваа обука ќе имаат екслузивно право да чујат и за некои од измените што може да станат дел од новите изданија.
Една од главните цели на FIDIC е избор според квалитет, а не најниска цена. За таа цел, FIDIC во 2011 година издаде водич за избор врз основа на квалитет, како и Водич на процедури за набавка.
Pinset Masons се членка на FIDIC и официјални советници на Европската интернационална асоцијација на изведувачи. За ова интернационално адвокатско друштво работат над 200 адвокати на три континенти, во различни јурисдикции и правни системи.
Mark Harris е еден од најдобрите адвокати во областа на гардежништвото и инфраструктурни проекти од листата на најдобри 500 адвокати во Англија. Има над 25 години искуство во советување на инвеститори, изведувачи и консултанти во процедурите за јавни набавки и изградба на инфраструктурни проекти во Европа, Среден Исток, Африка, Америка, Азија и Австралија. Познат е како експерт за менаџирање и решавање на комплексни спорови. Има искуство во комисии за решавање на спорови и меѓународни арбитражи како Интернационалната стопанска комора во Париз – ICC, Судот за интернационални арбитражи во Лондон – LCIA и UNCITRAL.
Oва ќе биде воведна обука и е идеална за секој што е инволвиран на каков било начин во градежни проекти кои се изведуваат во Македонија, во регионот и во интернацинални рамки. Исто така, во рамки на обуката ќе се одржи и работилница на која преку реални примери ќе се работи на она што претходно теоретски ќе биде кажано.
Големите инфраструктурни проекти можат да завршат со спорови и често нивното решавање е поврзано со долги и скапи судски и арбитражни постапки од чиј исход, заедничко за сите учесници е дека губат многу време и пари.
Во денешно вереме, меѓу големите градежни компании, широко е прифатен принципот на „избегнување на спорови“ наместо „решавање на спорови“, колку што е можно повеќе.
Избегнување на спорови, значи и ангажирање на професионалци за администрација и менаџирање како на тендерската постапка така и на договорите во текот на изградбата на гоелмите проекти, а не ангажирање на професионалци по ескалација на спорот.
Еден од најинтересните случаи на професионална администрација на FIDIC договор е случајот на еден од најголемите градежни зафати на планетава, проширување на Панамскиот канал. Време на изградба 11 години. Вградени 4,4 милиони кубици бетон. Цена за изградба тогашни 5,25 милијарди долари.
За овој проект користен е FIDIC договор (популарно наречена жолта книга), според чии услови, покрај изградбата, изведувачот е одговорен и за изработка на проектот за изградба, врз основа на претходно доставени барања зададени од страна на инвеститорот уште во тендерската постапка.
Проширувањето на Панамскиот канал е 80 км, на кој во моментов се одвива 5% од светската трговија. Изградбата на проширувањето на овој канал овозможи двојно зголемување на капацитетот на каналот, со што сега поголеми бродови може да го користат.
Во тендерската постапка се натпреваруваа три конзорциуми. Критериумот за избор на најповолен понудувач беше 55% исполнување на технички услови, а 45% цена. Работата ја доби конзорциум предводен од изведувач од Шпанија.
На почетокот на 2014 година, во текот на изградбата, настана спор во врска со неочекувани трошоци во износ од тогашни 1,5 милијарди американски долари. Изведувачот тврдеше дека инвеститорот не направил доволно геолошки истражувања на земјиштетот под кое треба да се изгради проширувањето на каналот, што сега предизвикува поголеми трошоци за изградба на каналот од цената на изградба.
Инвеститорот тврдеше дека изведувачот не успеал да достави доволно докази, со кои ќе го докаже неговото побарување за надомест на дополнителните трошоци од тогашни 1,6 милијарди американски долари, но во исто време инвеститорот изјавува дека ќе ги разгледа оштетните побарувања на изведувачот, бидејќи изведувачот своите оштетни побарувања ги доставил и презентирал во согласност со механизмите и условите на договорот. Во тоа време, инвеститорот веќе му имаше исплатено на изведувачот дополнителни тогашни 160 милиони американски долари како дополнителни трошоци заради експанзија на цените на железото, арматурата, дизелот, цементот и работната сила.
Слични примери може да се најдат и во градежни проекти кои ја изменија и се уште ја менуваат технологијата:
Браната Три Клисури, Народна Република Кина. Време на изградба 17 години. Цена тогашни 22 милијарди долари. Моментално најголемата брана во светот.
Мармара тунелот во Турција, должина 47 милји под морето. Ги поврзува Европа и Азија. Време на изградба 9 години. Цена тогашни 4,5 милијарди долари.
Новиот трговски центар во New York. Време на изградба 7 години. Проценета цена 3,8 милијарди $. Кога ќе се изгради ќе биде највисоката зграда на западната хемисфера.
Заедничко за овие големи градежни проекти кои се финансирани од големите инвестициони банки е што користат стандардни типови на договори.
Клучот за успехот на овие договори во интернационални рамки е во балансираниот пристап кон улогите и одговорноста и обврските на главните страни на договорите, како и алокацијата и менаџирањето на ризиците.
Една од специфичностите на општите услови на овие договори е тоа што постои рамноправност помеѓу учесниците. Доколку во текот на реализацијата на договорот дојде до дисбаланс на веќе прифатениот ризик пред започнување на изградбата, постојат механизми во договорот кои ќе ги нивелираат ризиците.
Општите услови на FIDIC договорите се прифатени и хармонизирани од Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка.
Добро е што во Македонија, најголемата градежна компанија, која има повеќегодишно искуство во изградба на големи и значајни градежни и инфраструктурни објекти во земјата и странство, во согласност со условите на FIDIC договорите за изградба, ја организира оваа обука со цел да го сподели своето знаење и искуство.
Денис Ризаов,
Авторот е дипломиран правник
Менаџер за FIDIC договори и оштетни побарувања во Гранит