Македонија ќе ја следи 100 години понапредната Германија во третман на води и отпадни води
Сега во Македонија има 13 пречистителни станици, но државата има потреба од 87. Реално до 2041 година овие пречистителни станици би биле готови.
Со комплетирање на шест нови пречистителни станици за отпадни води кои во текот на оваа година ќе бидат пуштени во употреба, Македонија ќе се обиде да фати чекор со Германија и другите европски земји кои речиси 100 години имаат третман на води и отпадни води.
Германските, балканските и македонските искуства при изградбата на пречистителни станици и третманот на води и отпадни води беа пренесени на дводневната конференција за одржливост на пречистителни станици која за прв пат се одржа во Скопје.
Јадранка Иванова, ИПА координатор од Министерството за животна средина и просторно планирање ги истакна македонските чекори при изградбата на пречистителните станици. “Учевме многу, некои работи не ги предвидовме, а се случуваа, но сепак проектите се веќе готови и пречистителните станици за кратко време сите ќе функционираат. Сега треба подобра вклученост на сите институции за нивно успешно одржување“, истакна Иванова. Според неа сега во Македонија има 13 пречистителни станици, но државата има потреба од 87. “Реално до 2041 година овие пречистителни станици би биле готови“, додаде Иванова нагласувајќе дека околу 90 отсто од средствата кои ќе се потрошат за пречистителните станици ќе завршат во рацете на јавните комунални претпријатија и затоа сега е време да се почне со нивно оспособување за да управуваат со таква инфраструктура.
За историјатот и искуствата на Германија во третманот на води и отпадни води и за пречистителните станици раскажуваа врвни професори од Универзитетот во Дуизбург-Есен од Катедрата за води во урбани средини и одделот за процесно инженерство.
Професорот Мартин Денеке објасни дека во Германија на годишно ниво се плаќа по 80 до 100 евра по жител за отпадна вода. “Домаќинство со четири лица годишно само за прочистување на отпадната вода плаќа по 200 до 300 евра“, додаде Денеке.
Макс Дохман од истражувачкиот Институт за управување со вода и отпад при техничкиот факултет во Ахен, Рајна-Вестфалија објасни дека годишно само од бањата и кујната има од 25 до 100 илјади метри кубни „сива“ вода која треба да се прочисти. “За цената за прочистување на отпадната вода има и други фактори кои треба да се пресметуваат. Тука е цената на плацот, дворот, колку атмосфреска вода се влева од тоа домаќинство. Затоа цената за прочистување на отпадна вода е малку повисока од таа за питка вода и изнесува од четири до пет евра по метар кубен“, додаде Дохман.
Во поглед на управувањето со пречистителните станици на македонските власти им беше препорачано дека треба да се дефинираат трошоците за работа на пречистителните станици со можност за намалување на работните трошоци. Даниел Мертенс од компанијата за работа со пречистителни станици за отпадна вода – ВТЕБ рече дека вкупната потрошувачка на пречистителна станица за 10 илјади жители не смее да биде повече од 30 киловат часови по жител. “За успешно управување со пречистителните станици многу е важно да се обезбеди квалитетен персонал и добра технологија. Со одржувањето на пречистителната станица се оптимизираат трошоците, а нивното намалување доведува до заштеда“, нагласи Мертенс.
Изградбата на пречистителните станици во Македонија е кофинансирана од Европската унија. Лука Арас, претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија рече дека со овие инвестиции ЕУ има цел да го подобри квалитетот на земјата. “Македонија има многу вода, за разлика од други земји, и тоа треба да го искористи. Станиците се направени и сега со нив ќе управуваат општините, а јавните комунални претпријатија ќе бидат одговорни за нивно одржување. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе треба да го надгледува квалитетот на водата. Постојат директиви за прочистување на водите и ЕУ ги казнува оние земји кои не се придржуваат до нив“, рече Арас.
Првата конференција за „Одржливост на пречистителни станици во Република Македонија“ беше организирана од Здружението за третман на вода и отпадна вода, а во коодринација со Министерството за животна средина и просторно планирање, Делегација на Европската унија, Градежниот факултет од Скопје, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и АДКОМ-Здружение на даватели на комунални услуги.
Целта на конференцијата беше да се разменат знаења за сигурно и стабилно управување на пречистителните станици за отпадни води и тоа не само од техничка туку и од финансиска гледна точка.