Нула отпад, редуциран транспорт и материјали кои повторно се топат и се рециклираат – дали тоа е иднината на архитектурата? Холандските архитекти го ставаат технолошкиот процес на 3D принтање на архитектонски објект на тест за прв пат во Амстердам.
Течна пластична црна маса истекува од млазницата на дното од мала кула во Амстердам, депонирајќи слој по слој што се облева во вид на врпци по точно пресметана мрежа. Со цевките и каблите што се движат во голем бункер, потсетува на високо технолошка производствена линија. Ова сепак може да биде иднината на архитектурата, доколку Dus Architects го докажат производството на овој начин.
Покрај каналот, во северниот дел од градот почнаа да излегуваат новите цик-цак градежни блокови кои архитектите го најавуваат како првата 3D печатена куќа. Работејќи на терен три недели, архитектите произведоа триметарски висок примерок од аголот на нивната идна куќа, принтан како едно парче кое тежи 150 kg. Тоа е еден од градежните блокови, кои ќе бидат склопени како лего коцки во текот на следните три години за да се формира 13-собен комплекс, според моделот на традиционалните холандски куќи на каналот, со таа разлика што рачно соѕиданите тули, сега ќе бидат заменети со пластична фасада испринтана со компјутерски софтвер.
Во центарот на процесот е KamerMaker или таканаречениот Собен градител, сразмерно зголемена верзија на домашниот 3D принтер, произведен од холандската фирма Ultimaker. Тој го користи истиот начин на екструдирање слоеви на стопена пластика, само зголемена за 10 пати со можност за изработка на делови на фасади со димензии 2 x 2 x 3,5 метри.
За машински изработен материјал, примерокот има интересна текстура. На места изгледа како испреплетена трска. Постојат грутки и испакнатини, јазли и шевови каде главата за печатење подлизнала или запрела во пауза пред следната наредба.
Технологијата сè уште се усовршува. Материјалот е био-пластичен микс, обично користен како индустриско лепило, а содржи 75% растителни масла, зајакнати со микрофибер. За сега, овие пластични блокови, печатени со решеткасто саќе, мораат да бидат зајакнати со лесен бетон заради структурална јакост и изолација, што би го отежнало рециклирањето на овие блокови во иднина.
„Ова е само почеток, но може да има бескрајни можности. Ова е експеримент. Ние го нарековме Собен градител, но тој пред сè е градител на конверзации“, вели Heinsman, од Dus architects.
Преку 2.000 луѓе го посетиле градилиштето во исчекување на можеби најреволуционерниот потег за иднината на градителството.