За само неколку години, процесот на 3Д печатење од изработка на наивни објекти, налик на бараки, стигна до градење на цели куќи. Веста за најновиот подвиг на оваа технологија стигнува од Антверпен, односно од Кампот С во кој неодамна е направен прототип на 3Д печатена куќа на кат, со помош на како што тие велат, најголем 3Д печатач во Европа. Белгискиот потфат е вреден внимание, бидејќи може да го отвори патот на градежништвото во овој дел на светот.
Куќата со површина од 90 квадратни метри е прва 3Д печатена куќа на две нивоа во Европа. Изработена е со помош на COBOD BOD2 – печатач со големина 10/10 метри, а користена е специјална бетонска смеса која се додавала слој по слој. Човекова сила е користена само за завршните работи, поставување на прозорите и кровот.
Овој проект во Белгија завршен е за само три недели, а од Кампот С велат дека изградбата, со понатамошна разработка и оптимизација на процесот, би можела да се скрати, се на се два дена.
„Цврстината на притисок на овој материјал е три пати поголема отколку кај класична тула“, вели менаџерот на проектот Marijke Aerts за NewAtlas, што и не чуди, бидејќи е користен бетон со специјални додатоци.
„Со користење на влакна во бетонот, количеството на мрежаста арматура сведено е на минимум. Благодарение на користење на технологијата на печатење, оплатата стана непотребна, а направена е заштеда од 60 отсто на материјал, време и буџет.
Ентериерот изгледа како типична белгиска куќа, меѓутоа во оваа куќа нема да се живее, туку таа ќе се користи за истражувања на можностите на 3Д печатењето. Куќата се состои од влезен хол, две конференциски сали и кујна.
Куќата е опремена и со одржливи и енергетски ефикасни решенија, како подно греење, соларни панели и топлотна пумпа. За во иднина се планира и зелен кров.