Во текот на речиси петте децении постоење, социјалистичка Југославија создала низа индустриски брендови, кои делумно поради монополот и договорната економија, но делумно и поради квалитетот и влијанието, прераснале во мит. Во најтесниот избор за таквите митови на социјализмот, бездруго припаѓа словенечки „Томос“.
„Томос“ од Копер, е фабрика која својата слава не ја должи само на еден производ. Имено, оваа фабрика била единствен југословенски производител на мотори за чамци и други помали пловила, но и еден од производителите на авомобили.
Коперската фабрика во соработка со Citroën (Cimos) произведувала и автомобили 2CV (Спачек) и Dianа, симболите на младинската и алтернативната култура во 60-тите и 70-тите. Сепак, оваа фабрика влегува во легендите највеќе поради мопедите и мотоциклите. Започнува да ги произведува во 1954 година, по лиценца на австриски Puch. Во прво време мопедите на „Томос“ највеќе ги возеле југословенските поштари. „Томос“ имал таква важност за поранешна Југославија, што навистина е чудно како досега не добил документарен филм. Но, сега таа грешка е исправена. Се работи за едночасеовен ТВ документарец Tomos – narejeno v Jugoslaviji (Томос – произведено во Југославија) снимен од страна на јавната словенечка телевизија. Автор на филмот е новинарката Nataša Mihelič, а режисер Peter Leban. Филмот го претставува историјатот на „Томос“, неговото место во локалната култура и економија, но нуди и поглед на сеќавањата на „Томос“ носталгичарите.
Коперската фабрика релативно рано започнала да се одвојува од Puch и да работи сопствени оригинални модели, почнувајќи од популарното „колибри“ за поштари, па до појаки мотоцикли. Во текот на 60-тите, станува школски пример на еден чуден амалгам типичен за подоцните години на Југославија, а особено за Словенија: смеса од државна планска економија, потрошувачко општество и претприемачко прокапиталистичко размислување. „Томос“ многу вложува во истражување и развој, па веќе во 1962 година, основа сопствен Институт. Во Институтот, покрај машински инженери се вработуваат и дизајнери кои го осмислуваат изгледот на новите производи. Коперските претприемчи, брзо сфаќаат дека не можат мопедите да ги продаваат само на поштарите и добавувачите, и решаваат да се свртат кон урбаната средна класа. Останатото е историја. Филмот открива и една друга димензија на „Томос“ која кај нас е потполно непозната. Имено, подемот на фабриката се случувал паралелно со годините на зенитот на Титовата популарност и Движењето на неврзаните, чии бројни државници го посетувале коперските производни линии. Тоа допринело за плодна меѓународна соработка, што резултира во извоз на мотори за чамци во Мали и Буркина Фасо, а на коперските мопеди се вози полицијата во Сирија и Алжир, како и поштарите во Танзанија. Бидејќи во Африка се појавува огромна побарувачка од мопеди, „Томос“ отвора субсахарско претставништво, а подоцна, поточно во 1972 и прв свој погон на овој континент во Гана.
И за крај, филмот има сосема поинаков завршеток од многуте други документарци за некогашните индустриски гиганти во другите краеви на поранешната држава. За среќа, во Копер не е така. Денес, „Томос“ е модерна автоматизирана фабрика која и поматаму работи. Можеби без некогашната слава, и без да создава митови, но важно е дека е и понатаму во функција.