Насловна / Архитектура / ПРОТО: Европска дестинација за виртуелна реалност!

ПРОТО: Европска дестинација за виртуелна реалност!

ПРОТО: Центарот за технологии во развој (PROTO: The Emerging Technology Centre) е првиот центар за истражување и развој на „технологии во развој“ во Европа и единствениот центар надвор од Холивуд каде фотограметријата и регистрацијата на движењето (motion capture) се достапни заедно на едно место. Со неговата изградба, градот на североистокот на Англија, Гејтхсед, ја збогатил својата понуда на деловни центри, од кои дел се лоцирани во централниот деловен Балтик кварт (Baltic Quarter) во близина на реката Тајн (Tyne). Развојот на деловни центри на оваа микролокација започнал со изградбата на Северниот центар за дизајн (Northern Design Centre) со фокус на креативните индустрии и дизајнот, а за потоа да се приклучи и наменски адаптираниот, оригинално административен објект, Деловниот центар на Балтимор куќата (Baltimore House Business Centre).  Последниот станал центар за дигитални технологии за бизниси со мала и средна големина, вклучително со ВРТГО Лабс (VRTGO Labs) групата на компании со интерест за развој на компјутерски софтвер со акцент на виртуелната и нагласената реалност (augmented reality – нагласена верзија на реалност создадена преку технологија каде со помош на дополнителен слој се прикажуваат дигиталните информации за нешто коешто се гледа преку уред, на пр., паметен телефон или очила).

GEDSC DIGITAL CAMERA

Следејќи ги определбите за промовирање на економскиот развој во доменот на дигиталните технологии, Советот на Гејтсхед спровел консултација со ВРТГО Лабс групата преку кои биле утврдени нивните потреби за дополнителни посебни, но и заеднички (каде повеќе деловни субјекти споделуваат една просторија) деловни простори, како и потребата од пристап до истражувачки и развојни простори опремени со специјализирана опрема која ним им е потребна, но која не е економски исплатливо поединечно да ја купат. Оттука произлегла идејата за изградба на нов наменски центар за технологии во развој.

Proto External View_resize

Советот на Гејтсхед ја доверил реализацијата на овој проект преку СКЕЈП (SCAPE) програмата за јавни набавки, а според принципите на „испроектирај и изгради“ (design and build), на градежната фирма Вилмот Диксон (Willmott Dixon Construction) која во соработка со Гетхсед трејдинг компани (Gateshead Trading Company), за фази архитектура, машинство, електрика, и 3Е консалтинг инџиниерс (3E Consulting Engineers) за фази градежни конструкции – високоградба и нискоградба, го реализирала проектот.

Proto External Entrance_resize

Оригинално, тимот изработил идејно решение за изградба на нов објект на аголна локација западно од Балтимор куќата, но во меѓувреме Советот на Гејтсхед успеал да купи постоечки универзитетски објект на локацијата, по што  фокусот на проектот бил пренасочен кон наменска адаптација на постојниот објект во деловен простор во комбинација со доградба во која ќе бидат сместени специјализираните функции на објектот. Со оглед дека купениот објект се наоѓал помеѓу Балтимор куќата на запад и Северниот центар за дизајн на исток Советот на Гејстхед бил во можност да ги групира и колоцира овие три деловни центри на една микролокација.

Proto Bridge Shroud_resize

Така, оригиналната аголна локација останала слободна за некој иден проект, но истовремено било промовирано поодржливо решение со оглед дека наместо 100 % новоизграден објект, реализираниот центар се состои од 79 % наменски адаптирани површини во постојниот објект во комбинација со 21 % од нови површини во доградбата. Ваквиот пристап бил поддржан од фактот дека купениот објект од почетокот на 21-виот век бил во добра состојба и имал солидни енергетски карактеристики од Ц-категорија. Ова овозможило наменските адаптации во рамките на постојниот објект да бидат скоро исклучиво внатрешни, а со цел да се оформат потребните посебни и заеднички деловни простории.  Во духот на одржливоста, градежната фирма го донирала постојниот непотребен мебел, теписон и подни плочки на локална добротворна организација, која пак ги продавала на приватни фирми, а од стекнатите средства организирале еднодневни екскурзии за пензионери од регионот.

Proto Link Bridge_resize

Содржините за истражување и развој се лоцирани во нова енергетски ефикасна доградба од Б-категорија, која со мост е поврзана со наменски адаптираниот постоечки објект, каде се сместени посебните и заедничките деловни простори.  Доградбата е во форма на графитна, приближно по форма, коцка „ишарана“ со ленти од лед светилки коишто даваат не само особен израз на фасадата во однос на соседните објекти, туку и ја разбиваат масата на доградбата. Ова овозможува различно доживување на доградбата. Кога светилките не се вклучени доградбата се доживува како своевиден артефакт, скоро невидлив во вечерните часови, додека во текот на денот со својата графитна завршна обработка се надоврзува на соседниот објект на Северниот центар за дизајн и други објекти во опкружувањето. Кога светилките се вклучени тие даваат особен архитектонски израз на доградбата во вечерните часови. Опшивка од перфорирани алуминиумски плочи со метализирана боја на старо злато се јавува како портал, преку кој доградбата визуелно комуницира со постојниот објект и се поврзува со истиот, но исто така го поврзува екстериерот и ентериерот на доградбата.  Доградба е организирана на неколку нивоа, во кои централно место зазема повеќенаменски простор кој се протега низ целата висина на објектот со придружни простории по периферијата на истиот, и содржи две фоајеа, едно, со „катедрална“ висина, и со пристап директно однадвор од нивото на теренот, и второ со пристап од првиот кат на постоечкиот објект преку рецепцијата и мостот. На источната страна сместени се помошните простории на три нивоа, при што на средното ниво е сместена контролната соба за повеќенаменската сала и студиото за аудиоснимање. Кровот на доградбата е обвиткан со висок парапет и покриен е со метални брисолеи во сродна боја со завршната обработка на фасадата со што визуелно се сокриени машинските уреди на кровот.

Proto Reception Desk_resize

При внатрешното обликување на објектот особено внимание било посветено на дизајнот и уредувањето на рецепцијата, просторите за дружење и одмор, и мостот. Оригиналниот концепт да се создаде сцена од видеоигра или научнофантастичен филм, каде астронаутот поминува од еден во друг модул на својот вселенски брод, значително бил ублажен во темен коридор, странично осветлен на преодот помеѓу хоризонталните и вертикалните површини, кој благо се стеснува со приближување кон доградбата за потоа од другата страна на автоматската врата да се трансформира во значително поголемиот простор на природно осветлено фоаје со изложбен простор.

Proto Lower Foyer_resize

Доградбата е лоцирана на претходно изградено земјиште при што бил искористен дел од постојниот паркинг-простор. Правилната основа и компактната форма на доградбата овозможила најмалку што може да се намали капацитетот на постојниот паркинг-простор, но и придонела за намалување на големината на обвивката на истата, а со тоа и за намалување на топлинските загуби. Максимално била искористена топографијата на локацијата и значителниот пад на теренот од постојниот објект кон северната граница на парцелата. Ова овозможило трокатна доградба да се смести на начин при што најгорниот кат на доградбата да е на исто ниво со првиот кат на постојниот објект што придонело да се зачувуваат северните визури кон реката и природното осветлување на постојниот објект.

Proto Foyer_resize

Принципите на модерните методи на конструкција биле применети во изградба на доградбата, базирана на челична носива конструкција во комбинација со меѓукатна конструкција од композитни подови од челичен профилиран лим исполнети со бетон. Надворешните ѕидови и внатрешните преградни ѕидови биле оформени со примена на метална потконструкција, завршно обработена со гипскартонски плочи однатре и со цементни плочи зајакнати со минерални влакна однадвор (поставена според принципите на висечка вентилирана фасада) и надворешни алуминиумски прозорци и врати со двојно термоизолирачко стакло. Како одговор на климатските промени, системот за одводнување на атмосферска вода бил испроектиран да го поднесе оптоварувањето на интензитет на дожд кој се случува еднаш на сто години.  Дополнително, заштитата од поплави како резултат на поројни дождови, била зајакната со поставувањето на подземни системи за времено задржување на вишокот на атмосферска вода под паркинг-просторот. Определбите за одржливост биле поддржани и преку инсталацијата на полначи за електрични возила на паркинг-просторот и просторија за пресвлекување на лицата со попреченост во рамките на доградбата со којашто е поддржана и надградена пристапноста и на постоечкиот објект и доградбата.

Proto Upper Foyer_resize

Посакуваната имплементација на обновливи извори на енергија не била можна како резултат на археолошкото и рударското минато на локацијата во комбинација со загадувањето на парцелата од минатите активности (во однос на геотермалните пумпи) и осенчувањето на доградбата од повисокиот постоечки објект (во однос на соларни ќелии за електрична енергија).  Исто така не било рационално да се приклучи доградбата на локалната топлификациона мрежа поради малата површина на истата.

Градежните работи во вредност од шест милиони фунти, траеле 60 недели и резултирале во вкупна корисна површина од 2.876 м2. Реализацијата на објектот финансиски била поддржана од Фондот за локален раст на Североисточното партнерство за локално претприемништво (North East Local Enterprise Partnership – NELEP – Local Growth Fund), Европскиот фонд за регионален развој (European Regional Development Fund) и Советот на Гејтсхед.        Преку изградбата на овој, од индустријата предводен, центар за технологии во развој било поддржано создавањето на специјализиран објект со фокус на дигиталната продукција, специфично наменет за аниматорите, филмската продукција и развојот на компјутерски игри, поддржани преку технологијата за тридимензионално скенирање, регистрирање на движењето и аудиоснимањето.  ПРОТО е дел од Североисточната и Тии долината Дигитал катапулт мрежа (Digital Catapult North East Tees Valley) и е седиште на  Североисточната и Тии долината Имерсивна лабораторија (North East Tees Valley Immersive Lab), една од само четирите вакви лаборатории во Велика Британија.

Proto Multi Purpose Hall_resize

ПРОТО свечено бил отворен од Неговото Кралско Височество Војводата од Кембриџ на 7.9.2018 година. Големата побарувачка за ваков специјализиран деловен простор, резултирала во  доселување на компании од други делови на земјата и странство во Гејтсхед, за да се здобијат со пристап до специјализираните технологии, коишто ПРОТО ги нуди, како  резултат на што комплексот од три нови центри се надополнил и со неодамна завршениот деловен објект Рига, лоциран на оригинално определената локација за ПРОТО.  ПРОТО е добитник на наградата „Динамит“ за проект на годината од јавниот сектор, со којшто се одбележуваат најзначајните регионални достигнувања во секторот за информатички и телекомуникациски технологии во 2018 година (2018 Dynamite Award – Public Sector Project of the Year), националната Награда за доградба на Овластената асоцијација на инженери за зградарство во 2019 година (2019 Chartered Association of Building Engineers – CABE – Extension Award), националната Златна награда Зелено јаболко за изградена средина и архитектонско наследство во категоријата на објект кој се користи од заедницата за 2019 година (2019 Gold (Community Use) Green Apple Award for the Built Environment and Architectural Heritage), како и националното Високо признание на Друштвото за архитектура, градежништво, инженерство и пример во јавниот сектор во категоријата за објект кој придонесува кон локалната заедница за 2019 година (2019 Society for Public Architecture, Construction, Engineering and Surveying – SPACES – High Commendation (Community)).

Носители на архитектонското решение

Авторот на овој текст, архитект д-р Владимир Б. Ладински и архитект Џулија Соулсби (Julia Soulsby) се носители на архитектонското решение на ПРОТО.  Овој текст е адаптирана и проширена верзија базирана на текстот “Space for change” објавен на англиски во Building Engineer, March 2020, 28-29.

Испрати коментар

Scroll To Top