Градот Скопје ќе набави 60 електровелосипеди, дотур на роба ќе се врши до 10 часот наутро, товарните возила ќе имаат посебен сообраќаен режим, посебен сообраќаен режим во градот ќе има и за патничките возила (пар – непар), ќе има и бесплатен автобуски превоз кога 10 дена по ред концентрацијата на ПМ10 честичките е над 100 микрограми/м3… Ова се само дел од специјалните мерки кои градот Скопје планира да ги спроведе против постојаното енормно загадување на воздухот.
Освен тоа, се планира и вклучување на 30 нови автобуси во услови на мерки од II степен (континуирани 10 дена со ПМ10 над 100 микрограми/м3), воведување на автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС), обезбедени 4 дена за бесплатен превоз на пензионери и 1 ден за студенти во текот на една седмица, набавка на нови велосипеди и поставување на нови пунктови…
Се работи за сет мерки поделени во две категории, краткорочни и среднорочни.
„Генерално, од досегашните анализи може да се каже дека во Република Македонија има појава на надминување на граничните вредности за суспендирани честички со големина до 10 микрометри, а во зимскиот период се забележуваат значително високи концентрации на оваа загадувачка супстанца. Ова особено се однесува за град Скопје, каде концентрациите се за десетина и повеќе пати поголеми од пропишаната среднодневна гранична вредност. Во зимскиот период влијанието на главните извори на суспендирани честички од 10 микрометри значително се зголемува поради климатолошките и метеоролошките услови, карактеристични за градот Скопје“, се вели во информацијата која ќе биде презентирана на седница на Советот на Град Скопје во четврток.
Градот планира годинава да почне да ги прска улиците со калциум – магнезиум – ацетат. Со ова средство се намалуваат концентрациите на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и до 30 %. Вакво прскање на улиците веќе се применува во Лондон, Виена, Клагенфурт, Линц, Хелсинки, Брунек, Штудгард, Стокхолм, Гетеборг…
Први ќе се прскаат улиците „Јордан Мијалков“ (во делот од крстосницата со булевар „Свети Климент Охридски“ до крстосницата со улица „Антон Попов“), булеварот „Свети Климент Охридски“ (во делот од крстосницата со улица „Мајка Тереза“ до Владата на РМ ), и улицата „Св. Кирил и Методиј“ (од крстосницата со булевар „Кочо Рацин“ до кружниот тек ). Од Градот посочуваат дека изборот на овие сообраќајници е од причина што во непосредна близина се наоѓа мерната станица за квалитет на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање, и најлесно ќе може да се споредат резултати пред и по третирање со препаратот. Прскањето, во зависност од концентрациите, треба да почне после 15 ноември.
Градските власти ќе ги советуваат и ќе ги анимираат институциите и компаниите да им даваат бенефиции на своите вработени кои на работа доаѓаат пешки или со велосипед.