Повеќе од две години глумци, активисти, дел од интелектуалци и подржувачи на опозицијата ги оспоруваат плановите на премиерот Еди Рама за изградба на нов театар на плоштадот Скендербег во Тирана. Новиот театар ќе се гради на место на стариот Национален театар во центарот на градот. Дел од јавноста тврди дека старата зграда е културно наследство. Големи полициски сили се појавија на 17 мај во центарот на Тирана за да го обезбедат рушењето на зградата на Националниот театар, која е срамнета со земја и покрај острите спротивставувања на Алијансата за заштита на театарот. И покрај забраната за масовни собири поради пандемијата, дел од уметниците и опозицијата протестираа против одлуката да се сруши објектот. На протестот се обратија уметници и интелектуалци, кои го осудија рушењето на театарот и ветија дека ќе ги продолжат протестите додека не падне владата.
Учесниците на протестот исто така изразија и противење на мерките на каранитн кои ги донела владата, а кои се воведени поради коронавирусот. Во тек на протестот полицијата била мета на напади и петарди. Меѓу 50-тината уапсени беше и сопругата на претседателот Илир Мета.
Судбината на зградата, која е изградена во 1939. година и станала Национален театар во 1945. година, го подели општеството. Владата на Еди Рама вели дека театарот е во очајна состојба и дека му е неопходна модернизација.
Лептир машна
Како што пишувавме во минатото, реномираното архитектонско биро Bjarke Ingels Group (BIG) е авторот на проектот за Националниот театар на Албанија. Новиот објект во форма на лептир машна замислен е како модерна противтежа на постоечките објекти, додека плоштадот ќе стане заокружена целина, наменета само за пешаци. Амфитеатарот на кровот нема да биде само сцена на отворено, туку посетителите ќе можат да уживаат и во погледот на Тирана.