Министерката за животна средина и води потпиша уредба за спроведување на решението за промени во Планот за управување на Националниот парк „Пирин“.
Неколку бугарски еколошки организации и движења вечерва пред зградата на Министертсвото за животна средина и води на Бугарија, во Софија ќе одржат собир за „спас на Пирин“, јави БТА.
Одлуката за одржување на собирот следи откако во четвртокот министерката за животна средина и води Ирина Косотова потпиша уредба за спроведување на решението за промени во Планот за управување на Националниот парк „Пирин“.
Според мислењето на Костова, за промени во Планот не е потребно да се добие претходна еколошка оценка за последиците од планираните измени во управувањето со паркот.
Крајниот рок за обжалување на одлуката на Костова истекува денеска, па неколку еколошки организации најавија дека ќе се обратат до судот со барање за стопирање на уредбата.
Министерството тврди дека со Планот за управување со паркот се водело сметка за критериумите на ОН, имајќи предвид дека планината Пирин се наоѓа на листата на Светско природно наследство на УНЕСКО.
Претставникот на тимот за изработка на Планот, Димитринка Берброва, изјави дека со еден ваков документ не може да се утврди кои, каде и колку дрва ќе се сечат, туку само се предвидуваат мерки за одржување, заштита и обнова на шумскиот фонд.
Сепак, еколошките организации бараат да се спречи сеча на шумите на Пирин и нивна заштита како природно богаство.
– Некои дрвја на Пирин стари со векови се заштитени со закон и воопшто не може да стане збор за нивна сеча, изјави претседателот на еколошкото здружение „Природата за луѓето и регионите“, Филип Цанов.