Активистите на „Гринпис“ организираа несекојдневен протест пред Елисејската палата во Париз – истурија цел камион со јаглен пред резиденцијата на францускиот претседател. Еколошката организација бара намалување на користењето на јагленот и намалување на уделот на нуклеарната енергија во Франција. Наместо тоа, бараат до 2030 година 45% од енергијата во Европа да биде од обновливи извори на енергија.
Протестот беше организиран непосредно пред заедничката седница на француската и германската влада, а „Гринпис“ испрати и јавно соопштение до францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел со порака: „Не – за јагленот и нуклеарната енергија, вистинска транзиција сега!“