Насловна / Архитектура / Просторен план – стратегија за просторен развој

Просторен план – стратегија за просторен развој

Aktivnosti vo prostor selo vo Avstrija 3

Системот на просторно планирање во Македонија се развива со различен интензитет во време и простор. Резиме на развојот низ времето: прифаќање и аплицирање  на процесот  на просторно планирање;  развој на кадровска основа и оформување стручна организација;  оптимизам во можностите на просторното планирање;  изработка на просторни планови за различни подрачја со доза  на поголем оптимизам кој резултира со делумно реализирање на поставките на плановите; одвивање на период на транзиција на општеството; акцент на Прострорниот план на Македонија;  недоволно ефикасна  контрола на изградбата во просторот и недоволно заштитување на просторите на планираните инфраструктурни коридори, што е битен сегмент на планирањето; недоволна имплементација на поставките од Просторниот план од страна на субјектите во просторот. Се презентираат некои аспекти на просторното планирање.

Просторно планирање

Потребата за просторно планирање произлегува од планското предвидување на идните активности во сите сфери на човековото живеење , а особено во делот на организирање на просторот, како ограничен ресурс. Со примена на просторно планирање, со изработување и донесување на соодветни просторни планови со кои се планира фундаменталната организација на просторот , се истражуваат и утврдуваат насоки за организирање на просторот  на  ниво на држава, а со разработување на утврдените насоки за развој на  ниво на региони во рамки на државата, на ниво на општини или специфични просторни целини, со што сите субјекти во конкретниот простор имаат основна рамка на идната организација на базичните сегменти на просторот  на државата. Планирањето треба да се одвива во  континуитет и со синхронизирана поврзаност се добива оптимална целина на просторот.

Просторни планови

Просторното планирање е различно  уредено во разни земји со оглед  дека тоа е тематика која се регулира на национално ниво, во зависност од вкупните општествени состојби.  Во рамки на Европската Унија се утврдуваат соодветни насоки за организирање на просторот на Европа, со нагласка на заедничките аспекти како инфраструктурните коридори,  заштитата на околината, користењето на енергијата, полицентричниот развој и слично. За одбележување е Европската Просторно-развојна Перспектива (ESDP- European Spatial Development  Perspective , Stockholm,  Sweden, 2006), како битен концепт на политиката на просторно планирање.  Системот на просторно планирање е организиран на национално ниво, со различни начини на нормативно регулирање и институционална организација, но во основа со просторното планирање се утвдуваат планерските политики од заеднички интерес.  Исто така и во Република Македонија просторното планирање е на национално ниво, а се регулира со одредбите на Законот за просторно  и урбанистичко планирање.

Динамика на изработување

Изработување на просторните планови во Македонија датира од седумдесетите години на минатиот век со оформување на соодветни сознанија за планирањето на просторот, оформување на стручни кадри и стручна организација за изработување на просторни планови и тоа Институтот за просторно планирање- Охрид (директор д-р Пантелеј Митков). Просторниот план на СР Македонија е донесен во 1982 година.

таб1

Според Информација на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина (од  септември 1995 година) , покрај ПП на Републиката, донесени се просторни планови на региони (Охридско- Преспански; Источна Македонија; Полошки регион и регион Мариово) , ПП на подрачја со посебна намена (Национален парк Маврово, НП Галичица и НП Пелистер), како и просторни планови на сите опптини, освен Неготино и Свети Николе). Ако се анализира динамиката на донесување просторни планови, се констатира дека динамиката е соодветна и дека се донесени најголем број просторни планови за конкретни подрачја. Акцентот во деведесетите години беше во основа насочено кон изработување на нов Просторен план на РМ (во натамошниот текст – ПП на РМ) – со оглед дека планскиот период на постојниот ПП беше до  2000 година.

Кон изработување на нов ПП на Републиката се пристапува во 1995 година, со донесување на Програма за  изготвување и донесување на ПП на РМ (Сл. весник на РМ бр. 17/95 од 28 март 1995 година). Во 1997 година донесена е Одлука за формирање Координационо тело за следење и насочување на изработката на одделни фази на Просторниот план на Р. Македонија (Сл. весник на РМ бр. 61/97) .

Во функција на насочување на изработката на просторниот план, а во организација на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина се одржа Меѓународен научен симпозиум во Охрид во март 1998 година. На собирот во 10 сесии беа презентирани 90 реферати со теми за различни аспекти на просторното планирање објавени во Зборник на трудови (на 668 страни). Сето тоа говори за третманот на просторниот план, со кој се утврдува стретегијата за просторен развој на Републииката, што е вреден пример  кој треба да се следи.

После реализирање на законски утврдените процедури се донесе нов Просторен пан на Република Македонија во 2004 година . Значи, во доменот на Просторниот план на државата нема застој на континуитетот на планирање.

таб2

Со оглед на концентрацијата кон ПП на РМ, односот кон другите просторни планови е на пониско ниво, со оглед дека нема законска обврска за задолжително изработување и донесување на просторни планови за помали просторни целини. Но, во ПП на РМ се утврдени соодветни одредби за Спроведување на ПП на РМ (дел 3). Поконкретно во делот 3.3. Изработка на планови од приоритетно значење, утврдени се подрачјата од посебен државен интерес и значење  за кои е потребно да се изготват просторни планови, во функција на разработување на ПП на РМ, како: план за подрачјето на  коридорот 8 и 10; за Охридско-преспанскиот и Дојранскиот туристички регион; за подрачја на водни акумулации;  за пошироки заштитни зони на споменици од меѓународно и национално значење ; за Скопскиот регион, Полошкиот регион; за сливното подрачје на реката Треска и други планови, и се утврдени конкретни рокови за реализација до 2007 година. Секако, тоа е резултат  на амбициозните плански предвидувања, со оглед дека изработувањето на тие делови  на ПП на РМ е далеку од реализација, а се работи за витални простори за државата.

Во ПП на РМ утврдени се одредби  во делот 3.4. Одредби за спроведување на планот по области,  каде се наведени плански одредби по области (со мин. 4 точки -за област Минерални ресурси  до максимим 23 точки за област -Животна средина). Разработени се одредби за следните области:  Земјоделско земјиште, Шуми и шумско земјиште, Минерални ресурси, Заштита на природното наследство, Процес на урбанизација,населени места и селски подрачја, Јавни функции, Население и стопанство, Водостопанство, Енергетика, Сообраќај и врски, Животна средина и Културно-историско наследство. Тоа значи дека е неопходно да се направи согледување на степенот на спроведувањето на одредбите по сите точки од областите и да се добие слика за нивото на спроведувањето на планските одредби.Aktivnosti vo prostor Holandija 1 Aktivnosti vo prostor Holandija 2

Во врска со следењето на реализацијата на ПП на РМ, а со оглед дека од донесувањето помина 10 години,  потребно е да се изработи соодветен аналитички материјал и да се организира јавна презентација  и низа на стручни расправи, со цел да се согледа степенот на спроведување на  Просторниот план и да се презентира нивото на реализација и во кои дејности има примена на планските поставки, а во кои области има недоволна реализација ( дури и неповолни состојби) и да се трасираат следните активности во насока кон оптимално организирање на просторот ,за квалитетен долгорочен просторен развој. Согледувањето ќе предизвика потреба од интензивирање и насочување на примена во одделни сегменти на просторот  и евентуални потреби од дополнување и измени (корекции)  на некои сегменти на планот, што може да се реализира според законски пропишана постапка.

Особен акцент во аналитичкото согледување на спроведувањето на ПП на РМ треба да се насочи кон сензитивните простори и состојбата во тие  подрачја (сливови на реки, инфраструктурни коридори, подрачја на рудници,  депонии за комунален отпад  и депонија за опасен отпад,  туристички подрачја   и слични специфични подрачја) со цел поефикасно организирањето на просторот  на државата.

Примена на Просторен план

Со оглед  дека најголемиот број на просторни планови се донесени врз основа на стариот ПП на СРМ и нема одвивање на процес на усогласување на досега донесените просторни  планови (особено на општините), со планските поставки  на постојниот ПП на РМ, се констатира дека нема употреблива  примена на тие просторни планови односно нема соодветен континуитет  на просторните планови.

Од досегашниот период на примена на стариот и новиот ПП на РМ може да се констатира дека на сите нивои се согледува недоволна посветеност за примена преку натамошна разработка на планските одредби , како од одделните дејности кои имаат влијание врз развојот на просторот  се до помалите субјекти на локално ниво. Во основа  планот  НЕ СЕ ПРИМЕНУВА ДОВОЛНО во активностите на субјектите, односно  се се сведува на формално консултирање на планските одредби, без суштинска надградба и разработка со вклучување на предизвиците на конкретните просторни  особености ( на пример: проценка на развојот на еко туризмот и предвидување развој на индустрија во ист простор; или лоцирање на индустрија и промоција на производство на грозје за квалитетни вина со географско потекло во ист простор;  потреба од ефикасна разработка на микро локалитети предвидени за регионални депонии со цел поефикасно справување со загадувањето на средината; разработка на подрачја  за производство на здрава храна;  национална стратегија за зачувување на квалитетот  на водата како ресурс и за идните генерации и слични аспекти). Појавите треба да се разработуваат интегрално со согледување на сите меѓусебни влијанија. Според искуствата на многу земји, за одделни аспекти на организацијата на просторот  има суштински расправи на различни нивои, со цел  да се согледаат сите влијанија од планираната активност на другите сегменти на средината, како принцип на разработка на планските насоки.Suburban Sprawl

Активности за развој на просторно планирање.

– За поефикасна разработка на ПП на РМ се наметнува потреба од итна изработка на просторни планови за одделни подрачја утврдени со планот (според дел 3.3 на ПП на РМ);

– при изработка на просторни планови, треба да се согледуваат повеќе сценарија на развојот со примена на принципите на одржлив развој и избор на оптимално решение;

– потребна е поголема примена на планските поставки на ПП на РМ од сите субјекти;

– одржување на континуитетот  на изработка на просторни  планови;

– суштинско вклучување на научната и стручната јавност при изработка на просторните планови, особено во текот на расправите по одделни развојни предвидувања, со почитување на различни агли на гледање, за повисок квалитет на просторот.

Aktivnosti vo prostor Norveska 5

(продолжува)  

Проф. Д-р Мирче Кокалевски, дипл. инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top