Архитектонското студио Alphaville Architects проектира во јапонскиот град Нишиноми, урбана куќа со малку необична форма. Бела, коцкаста куќа, која речиси целосно е затворена кон густо населеното соседство, каде објектите се изградени на многу кратко растојание.
Отворениот дел од куќата кон надворешноста е постигнат преку „јазот“ што го дели објектот на два дела. Оваа празнина помеѓу двете структури е ориентирана во правец исток-запад, и обезбедува проток на доволно количество светлина и воздух во куќата, пишува Designboom.
Целиот објект е дизајниран во бела боја.
Просторите во куќата се поврзани преку скали, кои се по настрана од „јазот“ за да не се затвори овој отворен простор.
Преку кровната тераса на покривот се нуди поглед на околината. Меѓутоа, и кровната тераса е направена за да сопствениците бидат „скриени“ од погледите на соседите.
Овој објект припаѓа на типичната модерна јапонска архитектура, која е лишена од текстура и боја. Сведеноста на линии и просторен минимализам се, исто така, негови квалитети.