Насловна / Арт и дизајн / Простор во кој се слави уметноста на архитектонскиот цртеж

Простор во кој се слави уметноста на архитектонскиот цртеж

crtez muzej (6)

Обвиткан во бетон изгравиран со скици, Музејот на архитектонски цртеж на Фондацијата Чобан во Берлин ја предизвикува конструкцијата со цел да создаде простор кој ќе ја слави уметноста на архитектонскиот цртеж. Зад реализацијата на овој проект стои името на Сергеј Чобан (Sergei Tchoban), германски архитект со руско потекло, роден во 1962 година во Санкт Петерсбург. Чобан ја развива страста кон архитектонскиот цртеж за време на неговите студии на Руската академија на уметностите во неговиот роден град. Тука тој ја открил љубовта кон старите мајстори и таму самиот почнал активно да се занимава со цртање. crtez muzej (10)

Купувањето на цртеж од Pietro di Gottardo Gonzaga во 2001 година, го означило почетокот на создавањето на неговата колекција. Во 2009 година ја основал фондацијата, која преку прикажување на дотогашната збирка имала за цел да ги охрабри архитектите почесто да го применуваат цртежот како незаменлива алатка. Подоцна, одборот на фондацијата одлучил да изгради музеј во кој Чобан ќе ја приложи својата архива, но истовремено ќе обезбеди простори за предавање и изложување. Фирмата во Москва  (SPEECH Tchoban & Kuznetsov) го развила дизајнот додека неговото претставништво во Берлин (NPS Tchoban Voss) одговарало за изведбата и надзорот. Денес, музејот вдомува неколку стотици листови од различни периоди, од 16 век па сè до денес, од Cerceau до Frank Gehry.crtez muzej (3)

Музејот е сместен на локацијата на Pfefferberg, поранешна пиварница составена од низа на објекти во тула кои денес претставуваат значајни културни институции во градот. Конкретната негова локација е на западниот влез на Pfefferberg помеѓу Schönhauser Allee и Teutoburger Platz во Prenzlauer Berg. Оваа област се развила уште во 1990 година од страна на невладини организации, при што се претвора во центар на културната сцена во Берлин. crtez muzej

Денеска многубројни студија, работилници, агенции, галерии како и разни простори за настани се сместени токму во индустриските објекти околу реномираниот Архитектонски Форум Aedes, каде се наоѓа истражувачкиот и собирен центар Aedes Network Campus Berlin.crtez muzej (5)

Волуменот составен од четири поместени кубуси, наликува на наредени папки малку накривени една во однос на друга, со што се прави директна релација на архивската природа на музејска зграда. Музејот на архитектонскиот цртеж е исклучителен пример од современата уметност во поглед на конструкцијата, дизајнот како и изборот на материјали. Иако со незанемарлив моќен израз на формалниот јазик, објектот сепак сензитивно посредува меѓу индустрискиот контекст и станбените објекти од 19 век. Пергаментната боја на бетонот се усогласува со пастелниот екстериер на околните згради. crtez muzej (15) RH22100060Roland_Halbe

Но, не само со бојата туку и со висината од 22 метри, што е типична за зградите во Берлин, само суптилно, а сепак скулптурално ја завршува низата на објекти. Дури и драматичната стаклена кутија на последниот кат која конзолно е издадена од волуменот, може да се толкува како храбро завршување на типичен берлински блок. Инаку, основата зазема околу 490 квадратни метри во кои се сместени влезната партија, две соби за изложување, музејскиот депозитар како и сала за состаноци.crtez muzej (8)

За разлика од соседните објекти во комплексот Pfefferberg, каде вековно старите структури инкубираат врвна модерна уметност и дизајн, музејот мобилизира современа структура која има за цел да зачува стари дела. Со пресликувањето на зборови и слики на самата фасада, Чобан сака да го потенцира поврзувањето со местото. На тој начин, цртежите што се изгравирани на обвиката на објектот комуницираат со неговата функција како складиште на историска архитектонска репрезентација. Имено, земени се два фрагменти од првите цртежи на колекцијата на Чобан. Тоа се скиците од Pietro di Gottardo Gonzaga (1751–1831) кој бил активен во Русија, и тие се аплицирани на фасадата на првиот, третиот и четвртиот кат, додека вториот кат е обвиткан со фрагменти од цртежи на Angelo Toselli (1765–1827), италијанси архитект кој творел во Русија. За да се изведе овој впечатлив ефект во лиената армирано-бетонска фасада, Чобан и неговиот тим одбрале и скенирале одредени пресеци од цртежите, за потоа со нивно мултиплицирање и редење да се добие одреден модел и мотив. На секоја од различните фасади има еден мотив кој се повторува во хоризонтален опсег, слично како нерегуларно редење на ќерамиди. Повеќе од само означувачи, бетонските фасади истовремено се и носечка структура. Зградата е изградена како голема армирано-бетонска школка која откако била целосно завршена, се вметнале меѓукатните плочи во внатрешноста.crtez muzej (11) crtez muzej (7)

Европските критичари не само што го пофалија дизајнот на музејот, туку и ја поздравија улогата на Чобан како патрон. Единствена замерка е дадена во однос на отворите, кои поради својата нерегуларност и произволност овозможуваат мал продор на светлина. Како и да е, интензитетот и квалитетот на Музејот на архитектонскиот цртеж на Фондацијата Чобан е одличен за својата програма, при што средбата со него навистина дава инспирација да посегнете по моливот и да почнете со цртање.crtez muzej (2) crtez muzej (12) crtez muzej (9)

 

2 коментари

  1. Koga bi mozele i nie da imame vakvo nesto. Prekrasen objekt i tema.

Испрати коментар

Scroll To Top