Неодамна во местото Гусаго, провинцијата Бреша, Италија се изгради нов објект на водечката компанија за производство на вентили, Rubinetterie Bresciane Bonomi, што воедно претставува првата зелена компанија на територијата на Ломбардија. Индустрискиот комплекс е лоциран долж стариот автопат Padana Superiore и местото на идниот автопат, кој ќе ја поврзува Бреша со Бергамо и Милано (Bre-Be-Mi).
Дизајнот на комплексот, седиште на фабриката, изработен од архитектот Џанфранко Сангали (Gianfranco Sangalli), вклучува изградба на објекти кои ќе се користат за производство на вкупна површина од 53.300 квадратни метри, поделени во дел за фабрика и дел за канцеларии и сервисни простории. Овие нови простории ќе ѝ овозможат на компанијата Rubinetterie Bresciane Bonomi и понатаму да го развива својот бизнис, кој за првпат е започнат во 1901 година.
„Ние сакавме новото седиште во Гусаго да биде едноставно, ефикасно и да обезбеди максимална безбедност. Целиот простор кој е дизајниран како место за работење придонесува за чувство на гордост и задоволство на вработените. Ние го трансформиравме сонот во реалност и ја обновивме нашата столетна претприемачка традиција. Нашата надеж е дека тоа може да биде поттик за создавање благосостојба“, вели Алдо Бономи (Aldo Bonomi), претседателот на MD Bonomi Group.
Објектот е поставен на локација која зафаќа површина од 117.500 квадратни метри, вклучувајќи места наменети за јавни површини кои зафаќаат 23.400 квадратни метри, односно 20 проценти од целата површина на локацијата. Вкупно 16.600 квадратни метри се искористени за поставување на зелени површини, паркинг простори и пристапни патеки. Новиот објект, кој зафаќа околу 30.000 квадратни метри, е распределен во простори за производство и магацин со бруто површина од 4.200 метри квадртани и површина од 1.300 метри квадратни на приземјето каде што се поставени сервисните простории и канцеларии. На целиот волумен дополнително се додадени уште 22.000 квадратни метри слободен простор каде што се очекува фабриката да се прошири во иднина.
„Проектот има есенцијален карактер кој ги интегрира потребите на компанијата во комбинација со минималниот избор на архитектонски решенија“, вели архитектот Џанфранко Сангали (Gianfranco Sangalli).
Светла метална решетка рамномерно ја опфаќа фабриката
Целиот комплекс на компанијата Rubinetterie Bresciane Bonomi се карактеризира со употреба на метални елементи. Нејзината фасадна структура е изработена од челик со цел да се покрие ширината од 40 метри со еден единствен распон. Овој тип на дизајн овозможува максимално искористување на природната светлина. На надворешната страна, огромната текстура е изработена од микро перфорирана метална површина.
Ваквиот начин на покривање на објектот принудува на решавање на посебни инсталациони техники и детали кои тежнеат кон тоа да ја истакнат хоризонталната димензија на волумените, прекината само со вертикалниот развој на магацинот којшто е висок 17 метри. Единиците за производство ги дефинираат „крилата“ на објектот, а канцелариите и сервисните простории отскокнуваат од целокупната композиција, бидејќи се поставени на приземјето во насока на оските на автопатот Padana Superiore.
Структуралната рамка како истакната карактеристика на новото седиште на фабриката
Канцелариите и сервисните простории, иако се сместени во склоп на самиот објект, се издвојуваат со нивната поставеност паралелно со автопатот. За разлика од волумените каде што е сместен одделот за производство во фабриката, тука имаме метална решетка која е одвоена од структурата на ѕидот и закачена преку рамка од челични прстени кои се повторуваат, со исклучок на местата каде што се отворите. Исто така, додаден е бетонски ѕид кој ги заштитува најдолните делови од волуменот.
Во делот каде што е поставена кафетеријата, решеткастиот принцип на покривачки систем речиси целосно се елиминира како еден вид ерозија во самата маса, нагласувајќи го присуството на предниот двор и големите прозорски отвори. На крајот на објектот каде што е лоциран влезот, само структуралната рамка е оставена видлива, а металната решетка е целосно отстранета.
Архитектурата и претприемништвото како виртуозен пример
Во период на финансиска криза, реконструирањето на здрава врска помеѓу архитектурата и економијата се смета како позитивно искуство. Всушност, проектот претставува еден од најсимболичните случаи на виртуозен однос помеѓу културата и претпријатието, помеѓу архитектонската продукција и претприемништвото. Исклучително важен фактор, особено во бизнисот, е познавањето на одличното производство коешто ќе ги предизвикува интернационалните пазари и истовремено ќе воспостави позитивно влијание на локацијата каде што се наоѓа.
Текст: Сузан Ламберт (Susanne Lambert)
Фотографии: Масимо Кривелари (Massimo Crivellari)