Градежните работи на улицата „Трета македонска бригада“, којашто се проширува и реконструира на потегот од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до улицата „Никола Карев“, се одвива според зацртаната динамика.
„Со проширувањето, овој булевар ќе добие модерен изглед, ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот, ќе овозможи подобро поврзување со центарот на градот и развој на општината Аеродром, а ќе има позитивно влијание и врз животната средина“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кој во четврток беше во увид на работите.
Според проектот, на делница долга 1.400 метри, улицата „Трета македонска бригада“ ќе добие четири сообраќајни ленти, зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека покриена со асфалт и широка 2 метра и тротоар покриен со бекатон плочки со ширина од три метри. Ќе се изгради и средишна разделна жардиниера со ширина од 5 метри.
На овој дел од улицата „Трета македонска бригада“ се поставува и нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.250 метри и полипропиленски цевки со профил од 500 и 800 милиметри, како и ново улично осветлување.
За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу 104 милиони денари.
На проширување и реконструкција на улицата работат екипите на градежната компанија „Ескаватори ДОО“. Градежните работи се очекува да завршат оваа есен.
Градот Скопје во 2014 година го прошири и реконструира првиот дел од булеварот „Трета македонска бригада’, на потегот од булеварот „Србија“ до улицата „Фрањо Клуз“, на делница долга 1.243 метри, за што се потрошија 147,2 милиони денари.