Во Полска, односно местото Весола, се наоѓа необична училишна зграда, која минатата година добила значително проширување.
Она што е најфасцинантно за овој проект на полското архитектонско биро xystudio е фактот што процесот на реновирање на зградата всушност спасил 20 прекрасни дрвја кои сега станале нераскинлив дел од училишниот имот. Проширувањето на училиштето било неминовно, но специфичната локација барала да се изнајде подобро решение од сечењето на шумата. Бидејќи зад училиштето се наоѓал висок напуштен насип, донесена е одлука новата зграда да помине низ тој дел од имотот, а шумата да се остави недопрена.
Новата локација обезбеди повеќе простор што овозможило да се направат училници со нормална големина со цел да се создаде доволно простор за учење, индивидуална терапија, одржување состаноци и да се предвидат посебни тоалети за лицата со попреченост.
Новиот простор е опремен со гардероба, тематски училници со остави, училници за јазици и уметност, сензорни и терапевтски соби. Бидејќи станува збор за распоред каде најстарите деца имаат часови по ликовно и музичко образование само еднаш неделно, осмислен е мултифункционален концепт кој подразбира одвојување на просторот со мобилни ѕидови. На овој начин училиштето всушност ја следи работата на децата и совршено се прилагодува на нивните секојдневни потреби кога станува збор за учењето.
Најтешкиот аспект на проектот бил спојувањето на новиот дел на училиштето со стариот и поставувањето на нивоата, пред се затоа што зградата треба да биде достапна за лица со инвалидитет. Поради овие специфични барања на градбата, должината на поврзубањето и нивото на новиот дел биле одредени со параметрите на рампа за инвалидска количка, додека од врвот на насипот е отстранет метар земја, за овој дел од училиштето да биде безбеден за сите кои тука престојуваат.
На овој начин училишната зграда не само што успеала во својата мисија да ги заштити околните дрвја, туку на своите ученици им овозможува и прекрасен поглед на зелените дрвја во текот на целиот ден.