Случувањата околу планот за експанзија и реконструкција на еден од најстарите и најпрестижните тениски комплекси во светот, сериозно ја подели британската стручна, но и поширока јавност.
По бројни заплети, конечно се одобрени контроверзните планови на Вимблдон за изградба на 39 нови тениски игралишта на заштитено, отворено земјиште наспроти легендарниот Ол Ингланд клубот (All England Club).
Инвестицијата е проценета на 200 милиони британски фунти, а автор на проектното решение е реномираната британска архитектонска фирма Allies & Morrison. Ова предизвика бројни реакции и кај локалната заедница и кај поборниците за заштита на животната средина. Ол Ингланд клубот сака да ги изгради терените, вклучително и нов стадион со 8.000 седишта, на паркот Вимблдон. Заменик-градоначалникот на Лондон, одлучил дека „значајната“ заедница и економските придобивки од проектот ја надминуваат штетата, и дека проектот може да се реализира. Локалните жители и политичарите кои се борат против предлогот засега немаат можности да се спротивстават, но сепак би можеле да поднесат барање за судска ревизија на оваа одлука.
Проширувањето на капацитетите на комплексот ќе овозможи квалификациите за Вимблдон да се одржат на терени кои се според стандардите на терените на кои се играат другите три гренд слемови. Планирано е проектот целосно да се реализира во периодот помеѓу 2030 и 2033 година. Во моментов квалификациските мечеви на Вимблдон се одржуваат на локација која е оддалечена речиси 6 километри од онаа на која се играат натпреварите од главниот ждреб. Ова ќе значи и зголемување на капацитетот за публиката која ќе биде во можност да ги следи квалификациските мечеви (до 10.000 луѓе дневно), а планирани се и надградби на содржините наменети за играчите. Уште еден нов терен (стадион) ќе биде изведен со покрив, па без оглед на временските прилики мечевите ќе можат непречено да се одвиваат.
Од своја страна реакцијата на локалната заедница која покренала петиција со 21.000 потписи, вели дека станува збор за „индустриски тениски комплекс со неприфатливи штети по животната средина“. Некои од нив веруваат дека крајната цел е изградба и на хотелски комплекс на оваа локација.
Од All England Club уверуваат дека ова проширување и модернизација се неопходни во насока на долгорочно одржување на иднината на турнирот како дел од гренд слем серијата. Дополнително, на извештај од 221 страница, инвеститорот детално ја образложува „значајната економска добивка за Лондон и пошироко за Велика Британија, што ќе се овозможи со овој потфат“. Се калкулира со добивка од околу 450 милиони долари годишно, како и креирање на многу нови работни места. Во исто време, тој уверува дека влијанието врз животната средина ќе биде минимално, односно незначително.
Меѓу бенефитите за локалната заедница се наведува изградбата на нов јавен парк со површина од 9,5 хектари, кој ќе биде достапен во целиот период од годината, освен во двете недели кога се одржува турнирот. Притоа, идејата е да се долови стилот на Lancelot Capability Brown, еден од најреномираните пејзажни архитекти на 18-тиот век, познат по елегантните решенија со природен изглед. Најмалку седум од новоизградените терени ќе ѝ бидат на располагање на локалната заедница во неколкуте летни недели по завршувањето на турнирот. Но, и покрај тоа, многумина го опишуваат овој проект како илузорен. Сепак, се проценува дека мали се шансите да запре неговата реализација. Единствениот начин е преку судска забрана, но статистиката покажува дека повеќе од скромен е бројот на случаи кои се нашле пред суд во последните години и биле позитивно решени. Веројатно по некоја временска дистанца овие расправи ќе се заборават, а љубителите на тенисот ќе уживаат во врвниот тенис, но и во традицијата која овој тениски турнир љубоморно ја чува повеќе од еден век.
Временска рамка од идеја до добивање на дозвола за проектот
Декември 2018
All England Club го купува земјиштето на кое ќе се реализира експанзијата на комплексот за 65 милиони фунти
Јули 2021
Поднесена е проектната документација на одобрување
Октомври 2023
Надлежниот комитет издава одобрение, со образложение дека станува збор „за посебни околности“ во кои јавниот бенефит од проектот „превагнува“ над штетите по животната средина
Ноември 2023
Дозволата е повлечена од страна на повисока инстанца, која го оспорува претходно цитираниот „повисок интерес“ и образложува дека станува збор за неодржлив развој на таргетираното подрачје со огромна загуба на слободниот простор.
Јануари 2024
Заменик-градоначалникот на Лондон добива овластување да одлучува за исходот од настанатиот спор
Април 2024
All England Club доставува ревидирана проектна документација, која вклучува дополнителна површина од 1,7 хектари јавен парк како и редуцирање на површината наменета за паркинзи.
Септември 2024
Проектот е конечно одобрен по неговото презентирање во London’s City Hall.