Град Скопје вели дека ќе го изгради капиталниот проект за поврзувањето на Аеродром со Ќерамидница со изградбата на булеварот АСНОМ и изградбата на мост на реката Вардар. Со реализација на овој кпроект ќе се добие брзо, безбедно и модерно сообраќајно поврзување на општините Аеродром, Центар и Гази Баба.
„Градот Скопје ги заврши сите постапки и очекувам првата фаза од овој капитален проект да биде готова до крајот на оваа година по што ќе продолжи реализацијата на втората фаза и изградбата на мостот на реката Вардар“, изјави градоначалникот Шилегов.
Во првата фаза од трите фази на овој проект се врши проширување на булеварот АСНОМ, што се одвива на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со булеварот Васко Карангелески. Должината на трасата во првата фаза изнесува 845 метри, каде што новиот булевар АСНОМ ќе добие по 3 коловозни ленти од двете страни, средишно булеварско зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот и патеки за лицата со оштетен вид по целата должина на пешачките патеки.
Новиот булевар ќе биде осветлен со енергетски ефикасно ЛЕД-осветлување, а ќе бидат поставени и нови сливници, кои ќе бидат поврзани со постојната атмосферска канализација.
Првата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ е предвидена да заврши во рок од 6 месеци, а за неа Град Скопје ќе потроши околу 50,6 милиони денари. Наредните две фази се изградба на мостот на реката Вардар и негово спојувањето со булеварот Гоце Делчев.