Насловна / Вести / Пропаднатите гасни проекти во ЕУ чинеле околу 440 милиони евра

Пропаднатите гасни проекти во ЕУ чинеле околу 440 милиони евра

Во изминатите речиси десет години, Европската Унија потрошила над 440 милиони евра на гасоводи кои никогаш не се завршени, или никогаш нема да бидат користени. Вкупно, од 2013 година, речиси пет милијарди евра на даночните обврзници се потрошени на 41 гасен проект (гасоводи и терминали), градени како проекти од заеднички интерес (Projects of Common Interest -PCI), со што е овозможено брзо добивање на „зелено светло“ и европски субвенции. Ова го покажува најновата студија на невладината организација Global Witness.

brua1

Студијата покажува дека од вкупниот износ, околу 440 милиони евра се потрошени на седум пропаднати гасни проекти. Најголем дел од таа сума, дури 431 милион евра, отишле на финансирањето на гасоводот BRUA, кој требало да ги поврзе Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија со наоѓалиштата на гас на Црното Море. Зад овој проект стои романската државна компанија Transgaz. Истражувачките работи за идната експлоатација на гас во црноморската економска зона, во Романија и Бугарија, биле чувствителна тема од самиот почеток, бидејќи во Бугарија истражувањата на наоѓалиштата биле во целост запрени. Гасоводот BRUA е проектиран со цел намалување на зависноста на ЕУ од руски гас, и тој во првата фаза требало да испорачува 1,75 милијарди кубни метри гас, а конечната цена на таа фаза е проценета на околу 479 милиони евра. Една делница на гасоводот е завршена во ноември 2020 година, но таа се наоѓа во целост на територијата на Романија, и не е поврзана со Црното море, ниту со соседните земји. Инвеститорите сега се загрижени за иднината на целиот проект, откако американската мултинационална компанија Exxon која е изведувач на најголемиот дел од работите, најавила дека ќе ја продаде својата лиценца. Во април минатата година, се напуштиле плановите BRUA да се протега и на територијата на Унгарија, па се помали се шансите дека проектот ќе ги исполни првобитните очекувања на ЕУ како проект од заеднички интерес (PIC).

brua3

Покрај овој гасовод, уште шест проекти попусто се субвенционирани со пари од граѓаните на ЕУ. Тука е проектот за трета гасна интерконекција помеѓу Португалија и Шпанија, кој е поништен, а кој ЕУ го субвенционирала со 97.359 евра. Потоа, гасоводот Midi-Catalonia (MidCat) помеѓу Шпанија и Франција, кој е субвенциониран со 6.253.080 евра, кој исто така е запрен. Гасната интерконекција помеѓу Полска и Чешка, проект поддржан од ЕУ со 1.360.868 евра, е исто така отфрлен. Гасоводот Pince-Lendava-Kidričevo во Словенија, на кој не се работи уште од 2014 година, исто така добил 344.500 евра европски средства.  Гасната интерконекција помеѓу Австрија и Чешка е проект кој е запрен и кој е субвенциониран со 41.993 евра.  И конечно, гасниот проект „Источен прстен“  (Eastring), кој требало да оди од Словачка, преку Унгарија, Романија и Бугарија, до турската граница, и за кој од буџетот на ЕУ се издвоени 438.527 евра, е проект чија финализација е одложена на неодредено време.  Организацијата  Global Witness ја предупредила ЕУ дека при изборот на идните проекти од посебен заеднички интерес за земјите членки, не смее да ги повтори истите грешки.

brua2

Според оценката на таа невладина организација, неуспехот на проектите во голем дел се припишува и на фактот дека согласно правилникот на TEN-E, и гасните компании кои ги застапува Европската мрежа на оператори на гасни преносни системи (ENTSOG), имаат важна улога при изборот на инфраструктурните проекти кои ќе влезат во потесен избор за добивање на европски средства. „Неверојатно е дека Европската комисија поаѓа од тоа дека станува збор за праведна процедура за донесување одлуки во врска со трошењето на јавните пари. Ако во процесот на одлучување учествуваат компании кои директно профитираат од тие одлуки, тогаш не треба да чуди зошто пропаѓаат толкави средства“, оценуваат од Global Witness. Во новата, ажурирана регулатива на TEN-E, за која во моментот расправа Европскиот парламент, за прв пат од можноста за добивање на субвенции се изземени проектите поврзани со нафта и гас, но оставена е можноста за финансирање на проекти поврзани со водород преку адаптација на постоечката гасна инфраструктура. Со предложената регулатива на TEN-E се воведува и категоријата „паметни мрежи„, која вклучува и гасни мрежи кои користат дигитални решенија за интеграција на нискојаглеродни и обновливи гасови. Таквите решенија, покажуваат дека Европската комисија не го решава основниот проблем на судир на интереси и и дозволува на асоцијацијата ENTSOG и натаму да има клучна улога во постапката за избор на проекти.

Испрати коментар

Scroll To Top