Шпанските даночни инспектори кои ја прегледувале содржината на еден сеф во средината на минатиот месец во Мадрид, откриле слика за која се верува дека е дело на холандскиот мајстор Винсент Ван Гог, исчезната пред речиси 40 години, се вели во соопштението на даночната канцеларија во саботата.
Потврдувајќи го извештајот на шпанскиот весник “Ел Мундо”, изворот вели дека насловот на сликата е „Чемпрес, Небо и Земја“, а датира од 1889 година. Идиличното дело последен пат било изложено во Историско-уметничкиот музеј во Виена.
Се вели дека во тек е истрагата, за да се утврди како сликата завршила во сеф и дали станува збор за грабеж.
Според експертите, се работи за слика која има три печати за автентичност, димензии 35 × 32 сантиметри, најверојатно оригинална, иако допрва тоа треба да го потврди Шпанското министерство за култура. Вредноста на сликата се уште не е утврдена.
Ван Гог, гигант на импресионизмот чии дела се едни од највредните, извршил самоубиство во сиромаштија во 1890 година, по долгата борба со ментална болест.