Слика на големиот холандски сликар Рембрант ван Ријн (1606-1669), еден од најважните сликари од епохата на барокот, а за која се верувало дека е изгубена, пронајдена е и ќе биде изложена на престижниот меѓународен саем на уметност и антиквитети, познатиот TEFAF (Европската фондација за ликовна уметност), што ќе се одржи во Мастрихт од 11 до 20 март, соопштија холандските медиуми.
Во прашање е масло на платно „Онесвестен пациент или сетило за мирис“, со димензии 21,6 cm x 17,8 cm, коешто Рембрант го насликал кога имал 18 или 19 години, пишува холандскиот дневен весник NRC.
Париската галерија Talabardon минатата година го купила платно на аукција во САД. Делото му припаѓало на колекционер од Њу Џерси, кој воопшто не се сомневал дека авторот е еден од најголемите сликари на златното доба на Холандија.
Галеријата побарала експертска анализа, откако ја купила сликата во вредност од речиси еден милион долари, наведува NRC.
„Сетило за мирис” е дел од серија од пет слики што ги претставуваат петте сетила. На сликата може да се види лекарот и неговиот помошник, кои се обидуваат да го оживеат пациентот, ставајќи му под нос шамиче натопено со амонијак.
На платното може да се види и потписот на младиот Рембрант во форма на иницијали RHF, што во превод од латински значи „Ова дело е направено од Рембрант Харменс“.